Свеста на нула: Одат во кафеана со туѓи или фалсификувани ковид сертификати


Македонците смислија како да ги изиграат мерките со кои треба да се заштитат  тие самите од епидемијата. Многу од граѓаните овие два дена влегувале со сертификати за вакцинирање позајмени од пријателите, а на купи продај огласниците  секојдневно бараат од некого да купат фалсификуван, лажен сертификат за ковид вакцинација.

Граѓаните бараат помош односно контакти од лица, за да им го изработат сертификатот, иако не се вакцинирани и немаат намера да се вакцинираат. Под објавите јавно се оставани телефонски броеви од наводните мајстори што ги изработуваат. 

Слободен печат од свои извори дознава, дека и во инспекторатите ширум земјава, се јавувале лица, кои сакале да останат анонимни и кажувале дека се поканети на свадби, а кога рекле дека не можат да присуствуваат зашто не се вакцинирани, од организаторите добиле одговор дека со ручекот ќе добијат и сертификат. Потоа инспекторите ги препраќале ваквите лица, дојавата да ја достават до Министерството за внатрешни работи, од каде пак, не добиле ниедна пријава.

Од Државниот пазарен инспекторат за Слободен печат изјавиле дека не се информирани за изработка на лажни вакцинални сертификати во земјава и дека тоа е во надлежност на МВР.

-Доколку бидеме информирани, ќе го имаме ова предвид. Угостителите треба да ги контролираат сертификатите. Ние овие два дена повеќе одевме превентивно. Во наредните денови ќе се утврди и веродостојноста на тие сертификати. Имаме механизам како тоа да го направиме има и апликации и податоци влезени во систем и веднаш излегува дали одреден сертификат е фалсификат. Од старт мислам дека не е коректно да се служат со такви методи но не би препорачала да се дрзнуваат на такви работи. Препорачливо е да се вакцинираат заради заштита на здравјето а не да прават манипулации, изјавила Анета Симеска, директорка на пазарната инспекција.