Свештеници на Московската патријаршија повикуваат да запре војната

Свештениците велат дека со војната ќе се создаде огромен јаз меѓу Русите и Украинците и ги осудуваат апсењата на оние што протестираа во руските градови


 

Во отворено писмо, свештениците и ѓаконите на Руската православна црква повикуваат на помирување и итен прекин на огнот во Украина. Потписниците на онлајн апелот – во моментов се потпишани повеќе од 230 – ја изразуваат својата тага поради страдањата на кои Украинците „незаслужено“ се подложени. Во поглед на „слободата на човекот дадена од Бог“, свештениците изјавуваат дека украинскиот народ мора сам да го избере својот пат – без притисок од Запад или Исток. Сите војници – и руски и украински – треба да се вратат дома неповредени.

Свештениците, ѓаконите и игумените се тажни поради „јазот што нашите деца и внуци во Русија и Украина ќе мора да го надминат за повторно да се дружат еден со друг“. Потписниците ги критикуваат и многуте апсења за време на протестите во Русија. Ниту еден ненасилен повик за мир не треба насилно да се потиснува и да се смета за кршење на законот, се вели во него. Првично беше нејасно дали и до кој степен свештениците му се спротивставуваат на поглаварот на Руската православна црква. Патријархот Кирил I претходно ги опиша руските противници како „сили на злото“.

Во понеделникот Украинската православна црква на Московската патријаршија побара итен прекин на „братоубиствената војна“ од лидерот на Кремљ Владимир Путин. Во соопштението, црковното раководство, Светиот синод, го потврди „државниот суверенитет и територијалниот интегритет“ на Украина и апелираше московскиот патријарх Кирил да побара итен прекин на непријателствата.