Суки Меденчевиќ го предводи меѓународното жири на „Браќа Манаки“


Интернационалното жири што ќе ги оценува филмовите во натпреварувачката конкуренција на годинешното 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе биде предводено од Суки Меденчевиќ, американски кинематографер со потекло од Босна и Херцеговина. Во жирито се и Филип Бергсон, филмски критичар од Велика Британија, Вим Ванaкер, познат белгиски режисер, Соња Просенц, продуцент од Словенија и Димо Попов, член на Македонското друштво на кинематографери, но и на Турското друштво на кинематографери.

Членовите на стручното жири сите филмови во конкуренција ќе ги гледаат и оценуваат во новото битолско кино „Манаки“, кое се наоѓа на просторот од некогашното кино на браќата Манаки, на Широк сокак во Битола.

Меденчевиќ, меѓу останатите педесетина филмски проекти во неговата досегашна кариера, е кинематографер на филмовите „Големата вода“ и „Берлин проект“ на Иво Трајков и „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски.

-Прв пат дојдов на Фестивалот пред 17 години, а претходно во 2002 година работев овде, бидејќи дел од снимањето на филмот „Големата вода“ се одвиваше токму во Битола и добро сум запознаен и со опкружувањето и со самиот фестивал. Филмот беше одлично прифатен и тоа ми остана како едно убаво искуство, а она што сметам дека е најголем квалитет на овој фестивал е дека уште тогаш имаше една карактеристика на интимен пристап, еден вид на интимност некако се провејуваше низ фестивалските денови. Но, сметам дека најголем квалитет е што ги става кинематограферите во центарот и ја прославува умешноста да се раскаже приказната низ слики. Тој и понатаму гледам дека се одвива во таа насока и затоа тој е уникатен, рече претседателот на жирито, Суки Меденчевиќ, се вели во соопштението од ИФФК.

Белгискиот режисер Вим Ванакер првпат доаѓа на фестивалот.

-Многу сум слушал за вашиот фестивал и почестен сум што добив покана да сум член на жирито, бидејќи се радувам што фестивалот „Браќа Манаки“ е поветен токму на таа уметност на сликање слики со помош на светлина и постои една уникатност која те прави понизен, бидејќи фокусот е на вистинското место, на кинематограферите наместо на сите фанфари што се однесуваат на индустријата и комерцијалниот апект, подвлече Вим Ванакер.

Соња Просенц е продуцент од Словенија и вторпат доаѓа во Битола.

-Прв пат дојдов во Битола кога ме донесе македонски продуцент за снимањето на мојот филм и навистина уште тогаш ја запознав фестивалската атмосфера. Кога размислувам за моите филмови тој визуелен јазик и таа визуелна нарација е она што ми е најважно и тоа можев да го видам во селекцијата оваа година. Филмовите што досега ги погледнавме се навистина одлични и навистина ми е чест што сум тука, раскажа Просенц.

За Димо Попов, член на Македонското друштво на кинематографери, но и на Турското друштво на кинематографери, фестивалот „Браќа Манаки“ секогаш бил посебен и како што раскажа го посетувал уште од средношколските денови.

-Драго ми е што сум член на ова жири составено од вистински професионалци. За мене фестивалот „Браќа Манаки“ секогаш бил посебен. Годинава има одлична селекција на филмови, според она што досега го гледавме. Навистина сум среќен дека фестивалот се отвори со македонски филм, кој навистина заслужува да биде дел од овој фестивал. Имаме уште многу филмови да погледнеме и се надевам дека ќе одбереме најдобар, кој што заслужува да добие награда, истакна Попов.

Филип Бергсон , филмски критичар од Велика Британија вели дека е среќен што на фестивалот „Браќа Манаки“ се слави филмот на оној начин како што треба.

-Многу се радувам што овде конечно има нова кино сала, каде што ги гледаме филмовите. Фестивалот секогаш во својата селекција има застапено нови автори и ветерани, што претставува добар баланс. Добар дел од тие ветерани што веќе дошле тука, самиот јас сум помогнал да бидат гости на фестивалот, како Виторио Стораро, Чарлс Денс…и многу други кои беа претставени пред битолската публика. Ќе раскажам овде, дека кога бев млад во Оксфорд организирав фестивал на филмска камера и тогаш првата награда ја доби Лоренсон за филмот на Питер Брук, така што отсекогаш сум сметал дека кинематограферот е всушност оној кој е најважен, бидејќи преку визуелниот момент се доловува целата поетика, рече Бергсон, се вели во соопштението од ИФФК.