Судскиот совет на јавна седница ќе дискутира за извештајот на оценската мисија на ЕУ
Судскиот совет во текот на вчерашниот ден го доби извештајот од оценската мисија на ЕУ и веќе членовите размислуваат да се закаже јавна седница на која детално ќе биде разгледан извештајот, соопшти претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, кој одговараше на новинарски прашања по денешната пленарна конференција на тема „Национална конвенција на Европската Унија: Темелни општествени вредности за европската иднина“.
– Можам да кажам дека извештајот е даден со препораки за краток, среден и некој подолг временски период, каде што некои детектирани состојби би требало да се со законски измени регулираат. Има еден дел од тоа што начелно видовме и од тоа што слушаме од медиумите, би требало согласно законот да се имплементираат и да се постапува, вели Георгиев.
Прашан дали Судскиот совет планира подобрување на ова поле и како да се реформира ова тело, Георгиев истакна дека токму на јавната седница ќе ги дискутираат сите овие прашања.
-Да почекаме, за кратко време размислуваме да закажеме седница каде што ќе се дискутира за ваквите теми од извештајот, изјави Георгиев.
На новинарско прашање каде ја гледа одговорноста за лошите оценки за ова тело, Георгиев потенцира дека и во извештајот е нотирано дека станува збор за наталожени проблеми.
– Но, ќе потенцирам една многу битна работа, која и претходно сум ја изјавувал, а многу е видлива во самиот извештај. Утврдено е дека станува збор за стари наталожени акумулирани проблеми со години наназад, со кои сега се соочуваме и ќе се обидеме да најдеме начин да ги решаваме, додаде Георгиев.