Судски совет: Ферати не згрешил со пресудата од две години затвор за Пајазити


Судскиот совет не најде погрешно постапување на ниту еден од трите судови кои постапувале во случајот за смртоносното прегазување на 22-годишната Теодора Ристовска од Тетово. Тие таксативно наведуваат кој суд како постапил, па на крајот посочуваат дека судијата Елмедин Ферати не згрешил кога возачот Менсур Пајазити кој го усмрти девојчето, го осудил на 2-години затвор. Оттаму појаснуваат дека на пресудата се жалел само возачот Ферати, па така, според нив тука важи одредбата од Законот за кривична постапка насловена како „забрана за менување во полошо“ во однос на казната.

„Ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот, пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција“, стои во одредбата од законот на кој се повикуваат.

Работите, според образложението на Судски совет би биле поинакви, ако на првостепената пресуда кога возачот Менсур Пајазити бил осуден на три години и шест месеци, се жалело и Обвинителството. Тогаш, при повторување на постапката, судијата ќе можел да одреди и повисока казна. Но, не само што Основното обвинителство-Тетово немало жалба, туку Вишото јавно обвинителство, односно обвинителката Вјолца Елмази, прво барала да му се потврди казната, а потоа се предомислила и барала пониска казна. И така била изречена санкцијата од две години, која е конечна.

Од Обвинителството  потврдуваат дека барале да се намали казната, па се правдаат дека не очекувале дека ќе му намалат толку многу. Сепак, пресудата се темели и на предлогот. Но немаат одговор зошто тоа не било направено преку писмениот предлог, туку прво Вишото обвинителство барало да се потврди казната, па се предомислило.

На извештајот на Судскиот совет во секунда реагираше ВМРО-ДПМНЕ за да оцени повторно колку Судскиот совет, чиј состав сакаат да го сменат, „ја гази правдата и ја урива државата“.  

Парасистемот на СДС и ДУИ во судството ја гази правдата и ја урива државата. Судскиот совет денес ја обелодени вистината – за нив, животот на Теодора вреди две години затвор. Тоа е нивната „правда“. Срамна, понижувачка и целосно дискредитирана.

Да биде појасно: Сите членови на овој Совет се избрани од СДС и ДУИ, во времето на Заев и Филипче. Тоа е нивниот Совет. Нивната мрежа. Нивниот инструмент за заштита на своите и покривање на криминалот. Ова не е изолиран случај. Ова е дијагноза на системот – болен, трул, партизиран до коска. Судии кои не се водат од закон, туку од партиска лојалност. Совет што не штити правда, туку крие срам.

Кога велиме „калуѓери што мрсат и во петок“, мислиме на лицемерие без граници. Морален распад. Луѓе без срам кои носат одлуки со кои се убива надежта дека правдата постои. Но, нема да остане така. Овој систем ќе падне. Ќе има независен судски систем, ќе има правда. Ќе има одговорност, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.