Студија: Ризикот од хоспитализација се удвојува со делта варијантата

Луѓето кои се заразени со многу заразната делта варијантата имаат двојно поголема веројатност да бидат хоспитализирани отколку оние кои се заразени со варијантата алфа, покажува новата голема британска студија
Резултатите од една нова студија сугерираат дека делта варијантата може да предизвика потешка болест од другите варијанти на корона вирусот.
Студијата, објавена во списанието The Lancet Infectious Diseases во петокот, анализаше повеќе од 40.000 инфекции со корона вирус во Англија. Добиените резултати сугерираат дека делта варијантата на вирусот може да предизвика потешка болест отколку другите варијанти.
Помалку од 2 проценти од инфекциите се случиле кај целосно вакцинирани луѓе и немаше доволно податоци за да се извлечат цврсти заклучоци за ризиците од хоспитализација во таа група посебно, велат истражувачите, пренесува Њујорк тајмс.
„Главниот заклучок е дека ако имате невакцинирана или само делумно вакцинирана популација, тогаш избувнувањето на делта сојот може да доведе до поголем притисок врз болниците, за здравствената заштита, отколку што би предизвикала појавата на алфа варијантата“, вели Ана Пресанис, статистичар во Универзитетот во Кембриџ и еден од водечките автори на студијата.
Варијантата делта, која за првпат беше откриена во Индија, е приближно двапати позаразна од оригиналниот вирус и дури 60 проценти повеќе пренослива од варијантата алфа, која првпат беше идентификувана во Британија.
Во новата студија, истражувачите ги анализирале здравствените податоци на луѓето кои биле позитивни на вирусот во Англија од 29 март до 23 мај, додека делта варијантата се ширела низ земјата. Седумдесет и четири проценти од луѓето не биле вакцинирани, 24,2 проценти биле делумно вакцинирани, а 1,8 проценти биле целосно вакцинирани.
Генетското секвенционирање потврди дека 80 проценти од учесниците во студијата биле заразени со варијантата алфа, додека 20 проценти биле заразени со делта.
За двете групи, ризикот од хоспитализација бил мал, откриле истражувачите. Само 2,2 проценти од луѓето со алфа и 2,3 проценти од оние со делта беа примени во болница во рок од две недели откако тестирањето беше позитивно за вирусот.
Но, луѓето заразени со варијантата делта беа во просек помлади. Кога истражувачите се приспособиле за возраста и другите фактори за кои се знае дека влијаат врз сериозноста на болеста, откриле дека кога делта ја предизвикала инфекцијата, вкупниот ризик заразениот да биде хоспитализиран бил двапати поголем.
Кога истражувачите ги разложија податоците по статус на вакцинација, добија потврда дека Делта варијантата двојно го зголемила ризикот од хоспитализација за оние кои не биле вакцинирани или ја добиле својата прва доза помалку од три недели порано. Целосно вакцинираната група беше премногу мала за да се анализира поригорозно, велат истражувачите.
„Веќе знаеме дека вакцинацијата нуди одлична заштита од делта, и бидејќи оваа варијанта претставува над 98 проценти од случаите на Ковид-19 во Обединетото Кралство, од витално значење е оние што не примиле две дози вакцина да го сторат тоа што е можно поскоро“, вели д-р Гавин Дабрера, главен автор на истражувањето и епидемиолог во Јавното здравство во Англија.