Студија: Нема голема корист од вбризгување хијалуронска киселина за артроза на коленото


 

Нема голема корист од вбризгување хијалуронска киселина за артроза на коленото, покажа опсежна студија која ги потврди се поголемите сомнежи дека таков вид терапија ја ублажува болката.

Студијата „не зборува во прилог на општата примена на вискосуплементација за ублажување на артрозата на коленото“ велат авторите на студијата објавена во Бритиш медикал џурнал.

Артрозата на коленото е една од најчестите болести на зглобовите. Пациентите поради оштетување на зглобната рскавица трпат болки кои им го отежнуваат секојдневниот живот, па така и одењето.

Според податоците од 2020 година на кои се повикуваат авторите на студијата, артроза на коленото имаат повеќе од половина милијарда луѓе од светот.

Во Франција здравственото осигурување кое ги покрива трошоците за лекување оценува дека артроза на коленото има третина од населението на возраст од 65 до 75 години.

Со децении една од водечките терапии кои се применувата за артроза на колено е инекција со хијалуронска киселина, желатински препарати кои го помагаат подмачкувањето на зглобовите.

Но, вистинската делотворност на таа терапија, наречена вискосуплементација, буди се повеќе сомнежи, заради што француското јавно здравство наназад неколку години престана да ги покрива трошоците за таквата терапија, покрај противењето на специјалистите, лабораториите кои ги произведуваат како и здруженијата.

Студијата објавена во Бритиш медикал џурнал, оди во таа насока. Се работи за метаанализа која споредувала одреден број претходни наоди – а опфаќа неколку децении – што дава добар увид во материјата.

Авторите признаваат дека вискосуплементацијата „помага малку да се намали болката од артрозата на коленото“, но пишуваат дека учинокот е премал за да на клинички план таквата терапија се смета за релевантна.

Уште повеќе што инекцијата со хијалуронска кислеина не е безопасна: вискосуплементацијата е поврзана со се позачестени тешки секундарни последици кога ќе се спореди со плацебо, пишуваат авторите.

Иако не може да се исклучи евентуална корсит од вискосуплементација за специфични категории пациенти, авторите се противат на системската примена на таквата терапија кај артроза на коленото.