Студија: Минатата година, повеќе од 60.000 Европејци починаа од топлотни бранови


Фото: Б. Грданоски

Дури 61.000 луѓе можеби починале во Европа минатото лето како резултат на силниот топлотен бран, се вели во новото истражување кое сугерира дека напорите на европските земји да се подготват за екстремни горештини пропаѓаат што испаѓаат фатални.

Студијата на научници од неколку европски здравствени институти покажува дека повеќе од 61.600 жители умреле од последиците поврзани со топлината во 35 европски земји од крајот на мај до почетокот на септември 2022 година за време на најжешкото лето досега забележано во Европа.

„Медитеранот е погоден од дезертификација“

Студијата, чии резултати беа објавени денеска во списанието Nature Medicine, открива дека медитеранските земји, како Грција, Италија, Португалија и Шпанија, забележале највисока стапка на смртност во однос на бројот на жители. 

„Медитеранот е под влијание на процесот на опустинување (дезетрификација), па топлотните бранови во текот на летните месеци се засилуваат токму поради овие посуви услови“, вели коавторот на студијата, Џоан Балестер, професор на Институтот за глобално здравје во Барселона.

Топлотните бранови стануваат се почести и поинтензивни

Во текот на минатото лето, кога европските земји беа зафатени со бројни и интензивни шумски пожари и големи суши, во јули Португалија забележа највисока температура од 47 степени Целзиусови, што е нешто помалку од највисоката температура забележана во таа земја, која беше 47,3 степени во 2003 година. Во апсолутни бројки, најмногу смртни случаи поради горештините и топлотните бранови се забележани во Италија (18.010), Шпанија (11.324) и Германија (8.173).

Имајќи предвид дека климатските промени предизвикани од човековата активност ги зголемуваат температурите, топлотните бранови стануваат се почести и поинтензивни.

Екстремно високите летни температури може да бидат фатални бидејќи често предизвикуваат топлотен удар или ги влошуваат постоечките кардиоваскуларни и респираторни заболувања, а меѓу најранливите се постарите лица.