Студентите во „Гоце Делчев“ без топла вода, но во друштво на глувци


Фото: Б. Грданоски

Топла вода, навремена стипендија и јасна комуникација од институциите не се луксуз, туку основни услови за достоинствен студентски живот. Но, реакциите што деновиве се споделуваат на страницата „Студентарија“ покажуваат дека дел од македонските студенти повторно се оставени сами да бараат одговори за проблеми кои не би смееле да бидат нормализирани.

Според објавите, студенти од блокот „Б“ во студентскиот дом „Гоце Делчев“ реагираат дека со недели немаат топла вода. Иако, како што наведуваат, секојдневно добиваат најави дека проблемот се решава, состојбата на терен не се менува.

Освен проблемот со топлата вода, во објавата на „Студентарија“ се наведува и дека студентите се соочуваат со сериозни хигиенски проблеми во домот. Според нивните реакции, дел од студентите биле принудени сами да бркаат глувци од собите, додека во објавата се тврди дека во домот не била спроведена дезинсекција и дератизација веќе една година.

За младите кои живеат во дом, топлата вода, струјата, хигиената, безбедноста и функционалниот простор не се дополнителна погодност, туку минимум под кој не смее да се оди.

Проблемите, сепак, не завршуваат само со условите во домовите. До „Студентарија“ стигнуваат и реакции за доцнењето на државните студентски стипендии. Иако е 12ти Мај, студентите велат дека осмата рата од стипендиите сè уште не е исплатена. За многумина, овие пари не се симболична поддршка, туку дел од месечниот буџет за храна, превоз, сместување и секојдневни трошоци.

Дополнителен револт предизвикуваат и пресметките од Управата за јавни приходи за студенти кои работеле сезонски преку програмата Work and Travel во Германија. Според објавените реакции, дел од студентите добиле пресметки за даночење на заработката, а сумите во некои случаи надминуваат и 30.000 денари. За студент кој заминал на сезонска работа за да заработи, да покрие трошоци или да помогне дома, ваквите износи претставуваат сериозен удар.

Сликата што ја испраќаат студентите е поразителна: младите не бараат привилегии, туку услови во кои можат нормално да живеат и студираат. Наместо тоа, тие се соочуваат со студени тушеви, задоцнети исплати, нејасни институционални одговори и дополнителни финансиски товари.

Она што останува како суштина не е само кога ќе се реши проблемот со топлата вода во „Гоце Делчев“ или кога ќе бидат исплатени стипендиите. Ова е приказна за односот кон македонските студенти, кои повторно мораат да прават јавен притисок за работи што треба да бидат институционална обврска, а не предмет на притисок, молби и чекање./Трн