Јакимовски тврди: Лукровски дал и втора оставка, но го држат во „куќен притвор“


Фото: Б. Грданоски

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевче Јакимовски во гостувањето на 4ТВ упати серија остри критики кон актуелната локална и централна власт, оценувајќи дека Карпош се наоѓа во „лимбо ситуација“ поради, како што тврди, политичко тактизирање околу оставката на актуелниот градоначалник Сотир Лукровски. Според Јакимовски, во политичките кругови веќе било познато дека Лукровски поднел и втора, конечна оставка, но дека целата ситуација се обидува да се амортизира преку неговото боледување.

„ВМРО практично го стави својот градоначалник во куќен притвор. Му наложија да земе боледување само за да ја амортизираат ситуацијата. Парадоксално е што премиерот посредно кумува на ова боледување, во исто време кога директорот на Фондот за здравство јавно ги гони манипулативните боледувања. Ова е класично замајување на јавноста“, изјави Јакимовски.

Тој оцени дека поради ваквата состојба, Карпош стагнира и губи драгоцено време, додека градовите во регионот бележат забрзан развој.

„Додека Белград, Приштина и Тирана се развиваат со светлосна брзина, Карпош е заглавен во политички блокади и неспособно менаџирање“, рече поранешниот градоначалник.

Јакимовски потсети и на, како што рече, периодите на застој во изминатите години, споменувајќи ја состојбата што ја наследил по мандатот на Стефан Богоев, кога општината се соочувала со блокирана сметка и финансиски проблеми.

„Да одземете пет години од развојот на една општина е недозволиво. Тоа се пет години од животот на секој граѓанин во кои Карпош можеше да биде лидер, а не жртва на тактизирања“, изјави тој.

Во разговорот беше отворено и прашањето дали Јакимовски повторно би се кандидирал за градоначалник на Карпош. Тој не ја исклучи таа можност, нагласувајќи дека конечната одлука ќе ја донесе врз основа на интересите на општината.

„Јас во Карпош оставив 16 години од мојот живот. Таму се афирмирав и како човек и како политичар. Мојата одлука ќе зависи од тоа што е најдобро за општината. Ако е најдобро јас да се кандидирам, повторно ќе го направам тоа. Карпош заслужува да излезе од овој застој“, порача Јакимовски.

 Јакимовски, во гостувањето на „4ТВ“ упати и серија забелешки за начинот на кој се управува со главниот град по промената на локалната власт. Според него, Скопје сè уште страда од нефункционалност на јавните претпријатија, додека реалните проблеми се покриваат со висок степен на популизам.

Јакимовски смета дека споредбите на новиот градоначалник со Данела Арсовска се погрешни и дека вистинскиот репер за успешност треба да бидат поранешните градоначалници како Ристо Пенов или Коце Трајановски, објави 4news.mk

„Не се прави споредба со Данела. Споредба се прави со Пенов или Трајановски. Ова што сега го гледаме е истата политика како и на централно ниво – чист популизам. Една тревка да мрднат, веднаш оди со реклама на телевизија. Ве прашувам вас: имате ли чувство дека за 72 часа Скопје навистина се исчисти? Дека е окосено? Напротив, гледаме прилози за змии и влекачи низ градот“, дециден е Јакимовски.

Особено остар беше Јакимовски во однос на најавите за изградба на забавниот парк во Скопје, проект кој се провлекува низ мандатите на неколку претходни градоначалници.

„Ова е веќе петти мандат како се најавува Луна паркот. Поминаа два мандата на Коце, еден на Шилегов, мандатот на Данела и сега ова е петти пат како децата во Македонија слушаат дека ќе добијат Луна парк. Тие деца веќе пораснаа чекајќи го тоа чудо.“, вели Јакимовски.

Тој нагласи дека изградбата на овој парк не е некакво „големо достигнување“, туку обврска и долг кон граѓаните на цела Македонија, а не само на Скопје, бидејќи државата воопшто нема таков забавен центар.

Јакимовски заклучи дека и покрај помпезните најави за „чистка“ и ред во градот, во суштина ништо не е подобрено во функционирањето на јавните претпријатија. Според него, граѓаните сè уште не го чувствуваат ветениот пресврт во локалниот сервис, туку се сведоци на добро спакуван ПР кој не соодветствува со реалната состојба на терен.

„Ајде да го видиме и тоа чудо“, иронично порача Јакимовски во однос на најавените проекти, нагласувајќи дека на Скопје му треба работа, а не само рекламни прилози.