Струшките вечери на поезијата со ист буџет како пред 25 години


Со буџет од 7 и пол милиони денари, како во 2000-та година, фестивалот Струшки вечери на поезијата годинава одвај ќе го одржува нивото што веќе го има постигнато, а помалку добиените средства нема да го сменат зацртаниот план ниту квалитетот на издавачката продукција и бројот на учесници- триесетина реномирани поети од светот и од Македонија.

65. издание на СВП, годинава стартува во нов термин, наместо во август, од 24-29 јуни, заради привлекување на нова публика, и заштеди, потенцираа на денешниот прес во Скопје, Мите Стефоски, уметничкиот директор на НУМ СВП и Никола Кукунеш, в.д. директор на НУМ СВП.
И годинава ќе ги има стандардните – поетски читања за отворањето и затворањето на фестивалот („Меридијани“ и „Мостови“), книжевниот портрет на венценосецот – холандската поетеса Анекe Брасинга, во црквата „Света Софија“ во Охрид…

„Целта на фестивалот е да се врати публиката на настаните што се организираат на отворено. И тоа е на некој начин и мисијата во основа на овој фестивал, да биде во непосреден допир со публиката. Се надеваме дека овој термин ќе ни овозможи поголема видливост, ќе ни овозможи поголема публика. Освен тоа, во прашање е и економскиот аспект, бидејќи периодот е пред сезона, а тоа се заштеди што многу ни помагаат нам, како организатори, да ги премостиме овие проблеми на што секојдневно наидуваме и се соочуваме. Понатаму, во поглед на професионалните гости коишто го посетуваат фестивалот, ова е период кога тие се послободни, кога нивните академски обврски овозможуваат да бидат присутни за време на фестивалот во Струга“, подвлече Кукунеш.

Уметничкиот директор на „Струшките вечери на поезијата“, Мите Стефоски информираше дека ќе учествуваат поети од странство, од земјава, дополнително на тоа, професионални посетители, критичари, теоретичари, промотори, поранешни директори на светски фестивали, како и сегашни, актуелни.

Меѓу учесниците на годинашната поетска манифестација Стефоски ги наведе Луис Гарсија Монтеро – шпански поет и директор на Институтот Сервантес, Михаел Кригер – еден од најзначајните современи германски поети.

Стефоски рече дека годинашниот буџет е ист како во 2000 та, а треба да се покријат трошоци како за 2026 година. За да ги задржат стандардите, покрај скратениот буџет од Министерството за култура, поддршка обезбедиле и преку соработка со странски институции и фондации, програмата на ЕУ „Креативна Европа“ и со спонзорства. Ако сакаме промени и модернизирање на фестивалот, рече тој, мора да се знае дека тие се поврзани со средства.

Никола Кукунеш, в.д. директор на НУМ СВП и Мите Стефоски, уметничкиот директор на НУМ СВП 

– Струшките вечери се на високо ниво и штета е ако на некој начин тоа биде загрозено. Кажано со фудбалски речник, играме во Лига на шампионите, а не во општинска лига. Буџетот за годинава на соодвествува со реномето на фестивалот. Наместо да се наоѓаат начини за развој на фестивалот, треба да се мисли како да се одржува нивото што веќе е постигнато – стандардите што во претходните години сме ги подигнале за третман на гостите и самиот начин на организација. Државата треба да води сметка никогаш да не падне нивото кое е веќе освоено. Недозволиво е да ги враќаме назад начините на организација на фестивалот наместо да ги унапредуваме. Незамисливо е во 21 век да не го покриете основниот надомест за авторски права на врвен поет кој настапува на вашиот фестивал, рече Стефоски на прес-конференција на која беше соопштена и фестивалската програма.

Концепцијата за СВП 2026, останува како и во минатите години – да се покануваат поети со различни поетики и соодветно да се претстават. Меѓу изданијата што ќе бидат промовирани се тријазичен избор од поезијата на лауреатот на „Златен венец 2026“, Анекe Брасинга , објава на поетската книга на  англискиот поет Даниел Хајндс за неговата збирка „Нови, познати фрази“– добитник на наградата на СВП и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга, Антологија на македонските поети, добитници на наградата „Браќа Миладиновци“, чиј приредувач е академик Ивица Џепароски, наслови од едицијата „Плејади“, како и книга со интервјуа со досегашниите лауреати на „Златен венец“ на авторот Диме Ратајковски.

За време на шесте дена СВП, ќе биде соопштена и наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра стихозбирка меѓу две фестивалски изданија, ќе има содржини поврзани со поетската платформа „Версеполис“ поддржана од ЕУ.

Годинава, паричниот дел на наградата „Златен венец“ изнесува десет илјади евра, на „Браќа Миладиновци“ – 22оо евра, и на „Мостови на Струга“ – 1000 евра. (Л.С.)