Страв од инфлација

Просечната стапка на инфлација во Македонија во измината декада била 1,4 отсто годишно, а годинава е речиси двојно поголема. Не е драма, но секако бара „да не се заспие зад воланот“


Статистиката официјално го потврди она што сите веќе го знаат – дека цените се во пораст и дека за ист износ на пари денеска се добива помалку од вчера, и за жал, утре веројатно помалку од денес.

Колку уште ќе растат цените е „прашање од милион долари“. Годинава не само кај нас, туку и во светот таквите прогнози повеќе наликуваат на нишанење во подвижна мета отколку во статичен објект. Резултатот е – сите релевантни институции, некоја помалку, некоја повеќе, ги зголемија прогнозите за стапката на инфлација годинава. Засега не станува збор за некое поголемо поместување нагоре, но стравот од будење на инфлаторната спирала е голем.

Во првите седум месеци годинава, стапката на инфлација кај нас на годишно ниво беше 2,5 проценти, наспроти проекциите кои беа 2,2 отсто. Август, според трошоците за живот, бил за 3,6 отсто над истиот месец лани, а првите осум месеци за 2,7 отсто биле над истиот период минатата година.

Ако се има во предвид дека просечната стапка на инфлација во Македонија во измината декада била 1,4 отсто годишно, порастот е речиси удвоен. Не е драма, но секако бара „да не се заспие зад воланот“, како што велат некои централни банкари од Европската унија.

Септември, традиционално, е месец кога цените на зелените пазари се во пораст, кога се прават зимници, кога на децата им почнува учебната година и кога на најголемиот број семејства им се зголемуваат трошоците. Допрва доаѓа грејната сезона и повисоки сметки за струја, но и кога повеќето велосипедите ќе ги заменат со градски превоз или со автомобил…

Ова е само илустрација дека и во вообичаени околности, без да има поместување на цените нагоре, во овој период потребни се повеќе пари. Проблемите ќе се усложнат ако продолжи и трендот на зголемување на цените.

Повозрасните секако ќе се потсетат како беше во нестабилните времиња кога цените на месечно ниво растеа по десетина или повеќе проценти, но помладите, особено оние родени пред дваесетина години сигурно и немаат претстава за разорното дејство на инфлацијата.

На обичните луѓе малку им значи објаснувањето дека кај нас порастот на инфлацијата е помал од оној во Европа, или во светот, како и дека таа се должи пред се растот на цените на суровините и основните производи кои ги набавуваме од странство, односно дека е „увезена“. Моментот на вистината доаѓа на касите, кога треба да се плати полупразната кошница.

Инфлацијата, покрај невработеноста и економскиот раст е еден од елементите на кој во секоја земја му се дава најголемо значење.

Последните податоци за растот на домашниот бруто-производ во вториот квартал оваа година од нешто над 13 отсто означија крај на рецесијата предизвикана од пандемијата со Ковид-19 и ги зголемија очекувањата дека годинава може да се реализира раст на БДП од 4,2 отсто или како што најави министерот за финансии, можеби и повеќе. Сепак, тоа нема да биде доволно оваа 2021 година да се надомести загубеното во ковид кризата, односно да се достигне нивото на БДП од предкризната 2019 година. Тоа ќе се случи веројатно во текот на 2022 година. Охрабрувачки вести доаѓаат и за намалување на стапката на невработени, иако таа веројатно се должи повеќе на одлив на млада и квалификувана работна сила во странство, отколку на моќта на домашната економија да генерира нови работни места.

Зошто е ова важно кога станува збор за опасноста (макар и потенцијална) од зголемување на општото ниво на цените? Затоа што инфлацијата е синоним за данок на сиромаштијата, бидејќи ги погаѓа најмногу оние кои се на пониските социјални скалила, односно со пониски приходи. А, такви кај нас се многумина.

Синдикалната потрошувачка кошничка е добар пример како стојат работите – а таа од месец во месец е се поскапа. Во август на пример, на едно четиричлено семејство кое што живее во стан од педесетина квадратни метри и кое нема автомобил, му биле потребни 34.342 денари за подмирување на основните животни трошоци. Дури 42 отсто оделе за храна и пијалоци, што ја става Македонија во врвот на земјите каде што во структурата на трошоците е толкав процентот за прехрана (во земјите со најголем БДП по жител, како Луксембург, Холандија или Норвешка, тој процент е од 8,4 до околу 12 отсто). Висок е и процентот за комуналии, односно за домување – 31,5 отсто, што значи дека за другите потреби – хигиена, превоз, облека и обувки, култура, одржување и здравје, остануваат „трошки“.

За подмирување на минималната синдикална кошница не стигнуваат ниту две минимални плати, односно за такво нешто се потребни уште околу 3-4 илјади денари. За воља на вистината, порастот на просечната плата кај нас во изминатите четири години бил 5.000 денари, додека на потрошувачката кошница 2.000 денари, што укажува дека таквиот јаз се намалува, но сепак, потребно е уште многу за да може да се констатира дека и посиромашните можат да си дозволат каков-таков пристоен живот.

Мала и отворена економија, како македонската, невозможно е да се одбрани од влијанието од надвор, па и од инфлаторните притисоци, кои се повеќе се изразени во Европа, со која разменуваме повеќе од две третини од производите и услугите. Таму, пак, продолжуваат неизвесностите, иако од највисоки места стигнуваат смирувачки тонови дека зголемувањето на инфлацијата е привремен феномен и дека следната година се очекува понудата и побарувачката да воспостават рамнотежа и работите да се смират.

Би било добро ваквите прогнози да се остварат. Во спротивно, не очекуваат многу предизвици имајќи ги во предвид последиците кои инфлацијата ги има врз обичните луѓе, врз бизнисите и врз економиите во целина, како и напорите кои што треба да се вложат и цената која што треба да се плати за работите повторно да дојдат во нормала.