Стратегија за соработка со СЗО: Образование, енергетика, социјала – сите во функција на здравството


 Во Скопје попладнево беше промовирана првата Стратегија за соработка на Светската здравствена заштита (СЗО) со Република Северна Македонија, 2026 – 2030 година.

Министерот за здравство Азир Алиу пред присутните рече дека станува збор за документ што претставува патоказ за иднината на здравствениот систем во нашата држава.

– Сакам да упатам искрена благодарност до д-р Аким Али и тимот на Канцеларијата на СЗО во земјата, за нивната континуирана поддршка и партнерство. Благодарност и до сите над 140 чинители од 11 министерства, јавни институции и граѓанското општество, кои активно се вклучија во овој процес на поставување на патоказ за иднината на нашиот здравствен систем. Сакам да истакнам дека за првпат една ваква стратегија е целосно усогласена со нашата Национална развојна стратегија, со обврските од процесот на пристапување кон Европската Унија и со Рамката за одржлив развој на Обединетите Нации, рече Алиу.

Министерот кажа и дека досега е постигнат значаен напредок.

– Нашата држава е регионален пионер во усвојување на Национален акциски план за здравствена безбедност, а воедно се бележи значително намалување на стапката на смртност кај недоносените бебиња, што значи спасени животи. Пред нас претстојат и предизвици, особено во делот на справување со хроничните заболувања што се во постојан пораст, како и континуирано зголемување на стапката на вакцинација на населението, додаде Алиу.

Во претстојниот период, тој најави дека ќе бидат посветени на понатамошно зајакнување и продлабочување на партнерствата со Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, со посебен фокус на вакцинацијата, како и со УНФПА во делот на унапредување на здравствената заштита на мајките и децата.

– Министерството за здравство продолжува активно да работи на главните приоритети: процесот на дигитализација, транспарентност и отчетност пред граѓаните и правичен здравствен систем кој функционира во интерес на граѓаните, во кој здравјето нема да биде привилегија. Како што споменав, во иднина ни претстои и имплементација на донесениот Национален акциски план за здравствена безбедност, со цел подготовка за идни пандемии, зголемени и рационални инвестиции во здравствените работници и реформи во делот на финансирањето за континуирано намалување на директните плаќања од џеб на граѓаните, додаде Алиу.

Посебно е важно, додаде, што оваа стратегија адресира и надлежности на други институции покрај здравството кое е двигател на целиот процес, имајќи предвид дека мултидисциплинарниот пристап е клучен за целокупно унапредување на системот.

Претставникот на СЗО во Северна Македонија, д-р Аким Али рече дека имало некои предизвици за земјава. Но, тој пред присутните истакна дека гледа оти кај надлежните има желба, потребните реформи да бидат најгоре на агендата.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска рече дека оваа стратегија била посебна бидејќи не се ограничува само на здравствениот сектор.

– Денес зборуваме за иднината на секој граѓанин, за квалитетот на воздухот што го дишиме, за светот што ќе им го оставиме на идните генерации, истакна Божиновска.

Таа меѓу другото рече дека стратегијата доаѓа во време кога целиот свет се соочува со двоен предизвик – климатската криза и потребата од одржливи енергетски решенија.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека здравјето е основа на одржлив развој на секоја држава.

– Оваа стратегија ги дефинира нашите здравствени приоритети, на чија реализација ќе работиме заедно со Светската здравствена организација, користејќи ги нејзините експертски капацитети и механизми за техничка поддршка, како и сите изминати години досега, за што сме многу благодарни, рече Јаневска.

Наша цел е, додаде, да изградиме отпорен здравствен систем, заснован на еднаков пристап, превенција, дигитална трансформација и компетентни човечки ресурси.

– Образованието е, и уште повеќе ќе биде, активен чинител во градењето на здравствен систем по мерка на нашите граѓани. Преку стратешки вложувања во здравственото образование, како што се подобрување на наставните програми, модернизација на лабораториите и практичната обука, поддршка за континуирана едукација на здравствените работници и соработка со универзитети и здравствени установи, воспитно-образовниот систем има обврска да подготви генерации со знаење, вештини и ставови потребни за препознавање, разбирање и ефективно справување со здравствените предизвици, рече Јаневска.

Образованието има суштинска улога во развојот на систем, како што посочи министерката, што се грижи за сите и не остава никого зад себе.

– Училиштето формира вредности на еднаквост, развива чувство за грижа кон ранливите и создава капацитет за препознавање и спречување на насилство, занемарување и повреди, што е еден од приоритетите во Стратегијата, додаде таа.

Јаневска нагласи дека оваа стратегија е и чекор кон нашата европска иднина.

– На нејзината реализација ќе работиме заедно со Министерството за здравство, затоа што само заеднички можеме да изградиме здравствен систем што ги следи протоколите, но, се темели на вредности како човечност, правичност и грижа, посочи Јаневска.

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани рече дека денес се зборува за заедничка заложба, да се изгради општество во кое здравјето и социјалната заштита одат рака под рака.

– Како Министерство, активно придонесувавме во креирањето на Стратегијата за соработка со СЗО. Зашто веруваме во конкретни, интегрирани, интер-секторски решенија. Нашите политики се насочени кон борба против сиромаштијата и социјалната исклученост, со јасна цел: никој не смее да биде изоставен, потенцираше Лимани.

Тој истакна дека жртвите на насилство не смеат да бидат оставени сами, тие треба да добиваат системска, професионална и достоинствена поддршка.

– Затоа инсистираме: психо-терапијата и психо-социјалната грижа, мора да станат дел од здравствениот систем, подвлече Лимани.

Кажа и дека грижата за постарите и лицата со попреченост е прашање на достоинство, затоа, додаде тој, се залагаат за развој на стандарди за интегрирана здравствено-социјална грижа.

– Не само за сместување, туку за редовна медицинска грижа, психосоцијална поддршка, долготрајна нега, дури и орално здравје, истакна Лимани.

Демографската политика, подвлече тој, мора да биде фокусирана на семејствата и младите.

– Преку унапредување на пристапот до услуги за потпомогнато оплодување, особено за ранливи категории, како и преку мерки за намалување на смртноста кај новороденчињата, додаде Лимани.

Здравјето, како што рече, е приоритет во Стратегијата за млади.

– Ќе работиме на унапредување на менталното здравје, информираноста за здравјето и поттикнување здрава средина. Со фокус на опфатот со вакцинација на најмладите и здравствената писменост кај оние кои се грижат за нив, посочи Лимани.

Тој рече дека тие водат политики за луѓето, „за мајката која се грижи сама за децата, за пензионерот во рурално село, за млад човек кој се бори со анксиозност, за жената која се ослободила од насилство“.

– Со оваa стратегија, не само што ги артикулираме нашите национални приоритети, туку создаваме меѓународен сојуз за правда, здравје и еднаквост, смета министерот за социјална политика, демографија и млади.