Страст, а не инвестиција. Уметничката колекција на Ален Делон на аукција


Париз- Повеќе од 80 уметнички дела од приватната колекција на познатиот француски актер Ален Делон (87) ќе бидат понудени на аукција во јуни, пренесува „Артњуз“.

Колекцијата што ја поседува, според достапните информации, се проценува на меѓу четири и пет милиони евра и вклучува, меѓу другото, дела на големи уметници како Ежен Делакроа и Паоло Веронезе, со портрет на Делакроа од 1825 година вреден околу 600.000 евра.
Пред да бидат пуштени во продажба на 22 јуни, тие ќе бидат прикажани на изложби во Њујорк, Хонг Конг, Женева, Лондон и Париз.

„Првиот цртеж за мојата колекција го купив во 1964 година во Лондон и платив прилично многу за него. Со текот на годините стекнав многу цртежи, портрети и скулптури кои ми оставија впечаток, кои комуницираа со мене, а понекогаш и ме тешеа. Овие дела ми беа долги години придружник и беа дел од мојот живот“, рече Делон, а зборовите се напишани во каталогот наменет за потенцијалните купувачи на аукцијата што ќе ја организира „Bonhams Cornette se Saint Cyr“ во Париз. 

Делон веќе продаде голема колекција на современа уметност во 2007 година, велејќи во тоа време дека идејата за постхумна продажба му била туѓа. Тој додаде дека некои купуваат автомобили, некои одат кај проститутки, но повеќе сакал портрети. „Купував од страст, никогаш за инвестиции“, рече тој.

Големата филмска ѕвезда, препознатлив особено по филмовите „Базен“, „Леопард“ и „Самурај“ од шеесетите години на минатиот век, во текот на претходните години продавал различни делови од својот имот – колекција на вино, часовници и оружје во 2016 година.