Страшниот пожар во Лос Анџелес стигна до резиденцијата на Kамала Харис (фото)
Резиденцијата на потпретседателката на САД, Камала Харис, се наоѓа во источниот дел на зоната за евакуација поради пожарот што избувна во Пацифик Палисадес, предградие на Лос Анџелес, објави денеска Ен-Би-Си.
Харис, која моментално е во Вашингтон, во изјава објавена на веб-страницата на Белата куќа рече дека „нејзиното срце е со сите погодени од разорните шумски пожари во Јужна Калифорнија“ и ги повика жителите во погодените области да ги слушаат локалните власти, да останат будни и веднаш да се евакуираат ако е кажано да го сторат тоа.
„Претседателот (Џо) Бајден и јас сме посветени да обезбедиме ниту една заедница да не мора сама да одговори на оваа катастрофа. Веќе мобилизиравме федерални ресурси за да помогнеме во борбата против пожарите, да обезбедиме поддршка и да започнеме да им помагаме на погодените“, рече Харис.
Областа околу Лос Анџелес, каде живеат околу 30.000 луѓе, доби наредба да се евакуира откако пожарот избувна вчера во 10,30 часот по локално време во Пацифик Палисадес, и брзо се прошири поради силните ветрови од Санта Ана.
Како што е најавено, државните училишта во Пасадена и Малибу утре ќе бидат затворени поради опасност од пожар, а се очекува силниот ветер да го достигне врвот вечерва и утре претпладне.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, рано денеска прогласи вонредна состојба во окрузите Лос Анџелес и Вентура поради шумските пожари.
Противпожарната служба во Лос Анџелес соопшти дека една жена пожарникар е тешко повредена додека гасела пожар во Јужна Калифорнија.
До вторник навечер, вториот пожар избувна со киломтери подалеку од пожарот Палисадес во Алтадена, Калифорнија, што предизвика итна евакуација откако за 30 минути се прошири на 200 хектари, според пожарникарската служба во Лос Анџелес.