Стопанската комора ја поддржува кампањата „Македонско најдобро“

Стопанската комора на Северна Македонија ја поддржува кампањата „Македонско најдобро“ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, чија цел е зајакнување и зголемување на производството на домашни земјоделски производи, потврди претседателот на Комората Бранко Азески по денешната средба со ресорниот министер Цветан Трипуновски.
Со тоа, нагласи Азески, ќе ја поддржат македонската економија и ќе помогнат да се подигне нивото на животен стандард во државата, како и да се зголемат профитите на компаниите.
– Оваа активност ќе повлече и намалување на трошоците што ги прават понеконкурентни нашите производи. Тоа ќе е акција која ќе ги поттикне стимулативните активности и зголемување на продуктивноста, како и зголемување на бруто домашниот производ. Со тоа ќе покажеме дека имаме способност, организација и начин да се вклучиме во евроатланските интеграции на начин на кој сите тоа го прават, се бориме на пазарите со подобар и поквалиттен производ и со пониски трошоци да постигнеме подобри резултати, рече Азески.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трипуновски информира дека на платформата „Македонско најдобро“ досега се регистрирни и одобрени 40-тина индивидуални земјоделски производители.
– Во тек е регистрацијата на дел од индивидуалните земјоделци и на сите преработувачки капацитети што постојат за преработка на примарни земјоделси призводи и регистрацијата на ланците маркети кои овозможуваат достапност на нашите производи, рече Трипуновски, најавувајќи дека кампањата ќе се прошири и на кондиторската индустрија, а целта е секој производ кој се продава од македонско потекло да го носи логото „Македонско најдобро“.
Поддршката од Стопанската комора, според него, ќе значи успех во раздвижувањето на домашната економија.
– Да ги помогнеме компаниите кои произведуваат македонски производи и да им оддадеме признание и поддршка на македонските земјоделци кои произведуваат примарни земјоделски производи, бидејќи тие се основата во делот на производството, истакна Трипуновски.
Кампањата, според Владимир Трпаноски од Витаминка, ја поддржува и се вклучува и домашната кондиторска индустрија. Смета дека како индустрија ќе имаат огромен бенефит, а придобивки ќе има и македонската економија.