Столтенберг: Украина ќе стане членка на НАТО
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и шефот на НАТО, Јенс Столтенберг денеска одржаа прес-конференција на која Столтенберг уште од самиот почеток потврди дека Украина ќе стане членка на НАТО.
„Му благодарам на НАТО за трите пакети за поддршка. Разговарав што друго може да се направи за да му се помогне на украинскиот народ. Имаме позитивни вести за новиот пакет одбранбена поддршка што доаѓаат од нашите партнери“, рече украинскиот претседател.
„Би сакал да ви изразам благодарност, Јенс“, рече Зеленски обраќајќи му се на шефот на НАТО.
Запрашан околу безбедносните гаранции што му ги понуди НАТО од самитот, Зеленски посочи дека Украина веќе имала такви гаранции претходно и сепак се соочи со војна од страна на Русија, така што најдобра гаранција за безбедноста гледа во членството во Алијансата. Тој изрази увереност дека по војната Украина сигурно ќе биде дел од НАТО.