Сточарите утре излегуваат на протест во Битола

Тие бараат на протестот да им се придружат и ветеринарите и ветеринарите и продавачите на сточна храна


Фото: Б. Грданоски

 

Сточарите од Пелагонија утре излегуваат на мирен протест во Битола за да си ги побараат субвенциите за 2025 година по грло и премијата за млекото која не им е исплатена една година. Утре е крајниот рок за исплата на субвенции за минатата година, а нема најави дека тоа ќе се случи.

Незадоволни од ситуацијата во која се наоѓа сточарството и исплатата на државната помош, сточарите повикуваат протестот да биде мирен, но помасовен и да им се придружат и ветеринарите и продавачите на сточна храна, односно сите што директно и индиректно се поврзани со сточарството и земјоделието.

Протестот е најавен од 10 до 11 часот,  пред подрачната единица на Министерството за земјоделие во центарот на Битола.

„Ги повикуваме сите земјоделци, сточари утре да излезат на протестот во Битола. Ги повикувам сите ветеринари, прозводители на концентрат – сточна храна, продавници за резервни делови за земјоделска механизација, всушност сите што се поврзани со секторот земјоделие да дојдат на протест и да нѐ поддржат, бидејќи земјоделието и сточарството се на најниската точка“, повика Тони Петковски претседател на здружението на сточари од Пелагонија – „Пелагониско поле“.   

Според сточарите ситуација за нив е неиздржлива со оглед на фактот што не им се исплатени субвенциите по грло добиток за 2025 година, а премии за млекото не зеле од ланскиот јуни. Во овој изминат период во континуитет паѓа и цената на откупното млеко од страна на млекарниците и во моментот литар сурово млеко се откупува и за 21 до 23 денари по литар.

„Протестираме за неисплатени субвенции, за ниската цена на млекото од страна на откупувачите, цената на житото е прениска и за секој проблем што ги тишти земјоделците. Воедно ќе им порачаме на политичарите – земјоделието и сточарството да не ги партизираат бидејќи стоката – кравите не ги интересира која партија е на власт. Партиите се кошкаат меѓу себе која што направила за сточарството, ама нас не нѐ интерсира кој министер од која партија е поставен, туку да бидат навреме  исплатени субвенции за да можеме да функционираме“, вели Петковски и додева дека со реконструкцијата на владата очекуваат новиот министер да има поголема соработка со сточарите. (А.Б.)