Стилот на првата дама Ѓоргиевска на Светскиот ден на жени научнички: Пудра розе фустан со неколку слоеви симболика


Да се биде сопруга на претседател на држава е функција или на некој начин, според денешни сфаќања – бренд

Фустан во нежна и максимално женствена пудра розе боја, од свилен жоржет, кроен на косо и во два слоја, со идеја да се симболизира многуслојноста на улогата на жената во општеството денес избра првата дама, проф.д-р Елизабета Ѓоргиевска на дебатата по повод Меѓународниот ден на жени научнички.

На ниво на настанот, Ѓоргиевска пак блесна ненаметливо, достоинствено, елегантно,  во дизајн на Лидија Георгиева кој ѝ беше посебен креаторски предизвик.

-Формата е прилагодена на дискретна елеганција, но сепак, со креативен детал на крагната и ракавите, кој дава персонален карактер на изгледот. Работите се максимално обмислени, нема место за импровизација, но и покрај тоа, приказната има една водечка персонална нота, која е во тек со современите тенденции на глобално ниво, ни изјави специјално за „Независен“ Георгиева, професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје и реномирана модна дизајнерка, со богато модно портфолио кое го има создавано меѓу Париз и Скопје.

Дизајнирањето за првата дама, според Георгиева, бара мајсторска изработка, познавање на работата, искуство и зрелост, и не може секој да се бави со овој специфичен сегмент од модата.

-Денес во сите слоеви на општеството и економијата, работите наликуваат и се градат на начин како што досега постоеше само во областа дизајнот, па така сега имаме не само дизајнерски брендови, туку и поединци брендови, компании брендови, партии брендови, инфлуенсери (со причина и без причина) и што сѐ не. Во тој контекст, нема да кажам ништо ново ако истакнам дека да се биде сопруга на претседател на држава е функција или на некој начин, според денешни сфаќања – бренд.

Што се однесува до визуелниот идентитет на првата дама, не смее никако да се занемари значењето на изгледот и пораките кои таа ги еманира. Првиот впечаток е визуелен, но ако одиме малку подлабоко, постојат невидливи слоеви на комуникација, тие се порафинирани и суптилни. Вака гледано, улогата на дизајнерот не е само да ја облече, туку пред сѐ да биде соучесник и да ја придружува сопругата на претседателот во градењето на визуелниот идентитет, со којшто неретко ќе ја претставува и нацијата. Особено, ако на ова се додаде и потребата за точно дозирање на целокупниот изглед, во сооднос со самиот даден настан, но и неопходноста на техничка подготвеност, а не само сирова креативност, можам да кажам дека е навистина предизвик, но и големо задоволство, вели нашата позната дизајнерка.

Л. Сабит