Стефанос Kаселакис ја напушти СИРИЗА, ќе формира нова партија


 

Поранешниот лидер на СИРИЗА Стефанос Каселакис објави дека ја напушта партијата.

Каселакис ја соопшти својата одлука откако на конгресот на партијата беше јасно ставено до знаење дека ќе одбие да ја разгледа неговата кандидатура за лидерските избори што ќе се одржат подоцна овој месец.

Еден ден по оваа одлука денеска Каселакис објави дека ќе создаде ново политичко движење.

Зборувајќи пред големата, гласна толпа која извикуваше слогани пред неговото ново седиште во Таврос, јужна Атина, Каселакис изјави: „Денес е радосен ден бидејќи се создава движење на демократија, слободни граѓани и напредок“.

„Ние создаваме движење од општеството, за општеството“, продолжи тој, посакувајќи им „среќа“ на оние што останаа во СИРИЗА.

Каселакис се воздржа од именување на неговата партија, сугерирајќи дека името ќе се определи со гласање на народот. „Вие ќе одлучите како ќе се вика движењето што ќе стане партија. Партијата ќе биде ваша, а јас ќе бидам ваш слуга“, рече тој.

Досега четворица пратеници на СИРИЗА ја напуштија партијата, ставајќи го во ризик нејзиниот статус на официјална опозиција.

Тројца пратеници на СИРИЗА, Александрос Авлонитис, Петрос Папас и Ралија Христиду, поддржувачи на Каселакис, објавија дека ја напуштаат или наскоро ќе ја напуштат партијата за да станат независни пратеници.

Ова ја остава главната опозициска СИРИЗА со 32 пратеници во 300-члениот парламент, еден повеќе од социјалистичкиот ПАСОК.