Стартува трката за пратеници, уште пет дена претседателска кампања


Фото: Б. Грданоски

Кампањата за Парламентарните избори почнува денеска  со активности на партиите и коалиците за претставување на изборните програми и кандидатите за пратеници во шесте изборни единици. Активности ќе има и за тековната кампања за Претседателските избори која ќе трае уште пет дена. 

Коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ ја стартува парламентарната кампања  со настан „Нема откажување од иднината“ во Скопје, а ќе има и митинзи во Демир Капија и во Гевгелија. Активности ќе има и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, пак, традиционално ќе ја почнат кампањата со митинг во Охрид, а ќе се претстави и кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова. 

Коалицијата „Европски фронт“ најави активности во Скопје  за конститутивна седница  на победничко собрание од Парламентарните избори на 8 мај 2024 и претставување на претседателскиот кандидат Бујар Османи, како и централен митинг во Куманово. Во Куманово митинг ќе има и Движењето ЗНАМ и претседателскиот кандидат Максим Димитриевски. Во Штабот на Коалиција Вреди кај плоштадот Скендербег во Скопје е најавена перс-конференција на претседателскиот кандидат Арбен Таравари и на носителите на листите на кандидати за пратеници во сите изборни единици.

Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска кампањата за претставување на изборната програма ја продолжува со митинг во Велес, на кој ќе се обратат и претседателот на Левица и носител на листа на ИЕ1 Димитар Апасиев и носителот на листа на ИЕ3 Борислав Крмов. Најавени се активности и на останатите учесници на  изборите со кандидатски листи Коалцијата „Храбро за Македонија“ која ја сочинуваат ГРОМ, ПЦЕР и Интегра, партиите Македонска Ера Трета, Демократи, Аваја, Твоја партија, Родина Македонија, Единствена Македонија…

Со потпишување Кодекс за фер и демократски избори претставници на повеќето од политичките партии вчера се обврзаа дека ќе го почитуваат етичкиот кодекс и нема да користат говор на омраза во предизборната кампања.

– Кодексот е потврда за демократскиот развој за нашето општество дека сите заедно се обврзуваме на принципите на демократијата. Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите, порача претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

Претставниците на коалициите предводени од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, посочија дека ќе водат фер и позитивна кампања, базирана на нивните програмски ветувања, а дел од партиите укажаа на  неурамнотеженоста во распределувањето на државните средства за политички маркетинг меѓу големите и малите политички субјекти. 

– Големите политички субјекти од народни и државни пари ќе добијат за политички маркетинг девет милиони евра, а малите политички партии по осум илјади евра, па граѓаните нека заклучат. Во полн ек е претседателската кампања за сите претседателски кандидати гледаме како се одвива, дека голем број на кандидати за Парламентот се директно вклучени инволвирани говорници коишто повикуваат за поддршка на претседателските кандидати. Тоа ДИК треба да го преиспита, рече Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Претставникот на коалицијата „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски, исто така укажа на начинот на државното финансирање на политичката кампања.

– Идејата на државното финансирање на изборната кампања е да го поттикне политичкиот плурализам, а не да се финансира само главната политичка власт и опозиција, рече Јакимовски, објаснувајќи зошто не го потпишал Кодексот. Покрај Јакимовски, кодексот не го потпишаа и претставниците на Демократи, Десна и Работничка партија. 

И во вчерашните претставувања на претседателските кандидати доминираа пораки за евроинтеграциите, уставните промени, критики меѓу кандидатите и партиите.

Претседателот на државата и претендент за втор мандат на претстојните претседателски избори Стево Пендаровски истакна дека во односите меѓу Северна Македонија и Европската унија, постои нов политички реализам, а тоа е дека државата е самоблокирана на европскиот пат.

-Ние за жал сме блокирани и знаеме заради што, главната опозициска партија вели во ниедна варијанта не гласаме за тоа под бугарски диктат и така натаму. Ако е тоа новиот реализам, значи дека ние сме самоблокирани. Дајте да искористиме што повеќе од овој амбициозно најавуван План за раст на Западен Балкан во кој има далеку повеќе фондови на располагање, сè додека на опозицијата не ѝ текне дека без промена на Уставот нема членство во ЕУ и сè додека не се случи тоа да искористиме барем повеќе од тие фондови кои се наменети за оние кои се самоблокирани како нас, рече Пендаровски во телевизиско интервју.

Коментирајќи го ставот на ВМРО-ДПМНЕ за измените на Уставот, Пендаровски рече дека тоа се прави само поради собирање политички поени, а заради тоа свесно го блокира процесот на интеграција.

Неговите ставови за евроинтеграците на митинг ги критикуваше Силјановска Давкова, посочувајќи на пораките кои ги упатувал во 2019 година и сега за влезот на нашата земја во ЕУ, како и за Договорот со Бугарија.

-Мислам дека се што тогаш тврдеше дека набрзо ќе се случи, дека ние сме склучиле соломонски договор, дека тоа бил компромис не се реализира. Не само што не направивме чекор напред, тука направивме чекор назад, Зошто, сега преговараме со соседот за почеток на преговори. Феномен и преседан, каков што немало од формирањето на Европската унија, рече Силјановска-Давкова на митинг во Свети Николе.

Кандидатот на ГРОМ Јакимовски,  пак, порача дека на овие избори македонското гласачко тело треба да одлучи да не гласа за оној што е подготвен да ги предаде, како што рече, да го отвори Уставот, потоа да се бира претседател во Парламентот и практично претседателот да биде резултат на уцени и партиско политички пазарења. 

Според кандидатот на ДУИ Бујар Османи  првпат граѓаните имаат две алтернативи кои се контрадикторни една со група – понуда која нуди изолација од светот и понуда која гарантира интеграција во Европската унија за само пет години, додека кандидат на ЗНАМ, Димитриевски упати порака дека Македонија заслужува претседател од граѓаните, кои го даваат легитимитетот за тој што ќе ги претставува и заштитува.

Кампањата за парламентарните избори завршува на 6 мај. Активности за оваа кампања ќе има и на 23 април, денот на изборен молк за Претседателските избори, за кои првиот круг ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај  кога ќе се гласа за пратеници.