Стапицата на Тукидид: Дали е неизбежна војната помеѓу Русија и НАТО?

Зошто балтичките земји се мекиот стомак на НАТО и ЕУ? Во голема мерка затоа што таму има огромна популација русофони. А Русија може да се осмели да ги нападне трите земји за да ги заштити русофоните


Таканаречената Тукидидова стапица стана основна компонента на вокабуларот за надворешна политика во текот на изминатата деценија, редовно повикувајќи се за да се објасни растечкото соперништво меѓу Русија и НАТО и САД и Кина. Формулиран од страна на политичкиот научник Греам Алисон – прво во статија во „Фајненшел тајмс“ од 2012 година, а потоа развиен во неговата книга од 2017 година („Осудени за војна“) – изразот се однесува на фразата од грчкиот историчар Тукидид (5-4 век п.н.е.), кој во својата „Историја на Пелопонеската војна“ напишал: „Подемот на Атина и стравот што го всади во Спарта ја направија војната неизбежна“.

На прв поглед, аналогијата е привлечна: појавата на нови сили ги загрижува веќе воспоставените сили, неизбежно доведувајќи до конфликт. Во сегашниот контекст, импликацијата изгледа јасна: евентуалната победа на Русија во војната со Украина порано или подоцна ќе предизвика воена конфронтација со НАТО. Слично е и со геополитичката проценка за   подемот на Кина што може да предизвика воен судир  со САД, исто како што подемот на Атина предизвика конфронтација со Спарта. Некои геополитичари сметаат дека Тукидидовата стапица била применета и при избувнувањето на  Првата светска војна. Аргументот е дека подемот на Германија предизвикал страв и вознемиреност кај веќе етаблираните сили, како што се Велика Британија и Франција, што според идејата на Тукидид дека „стравот од растечка сила предизвикува војна“ ја направило војната речиси неизбежна.

Во почетокот на ноември 2025 еден од најафирмираните француски тинк-тенк институции, Монтејн, го објави можното сценарио за војната помеѓу Русија и НАТО наречено „НАТО ставен на тест од руската закана: балтичката хипотеза“ во кое е анализирано сценариото на можниот судир помеѓу Русија и НАТО. Во однос на можниот напад на руската армија некои аналитичари веруваат дека рускиот напад изгледа поверојатен во Централна Азија, Молдавија или некоја балканска земја.

Меѓутоа според Инстититот Монтејн многу пореално е  „балтичкото сценариио“, дотолку што и Лавров во својата книга не ги признава балтичките народи за вистински нации. Воедно се работи за држави во кои живеат помеѓу 25 и 35 отсто русофони. Овие сценарија овозможуваат да се постават некои фундаментални прашања за одбранбените напори што им се потребни на Европејците. Понатаму, Монтејн сугерира дека нема да има напади врз балтичките држави без координиран напор, барем во форма на „хибридна војна“ против Европа, со  цел да се заплашат или одвратат носителите на одлуки во НАТО и ЕУ. Неодамнешните настани ја поддржуваат оваа забелешка: прелетувањето над Естонија на 19 септември од страна на три руски воени авиони (пресретнати по 12 минути од италијански авиони на НАТО) упадите на беспилотните летала во Полска и Романија, по што следеа други упади со беспилотни летала во Шведска и Норвешка, а сега и во неколку други земји. Враќајќи се неколку недели наназад, руските борбени авиони веќе го нарушија воздушниот простор. Германските разузнавачи во март оваа година прогнозираа дека наводниот рускиот напад би можел да се очекува до крајот на 2025. Политичарите се пореалистични. Премиерот на Франција, Себастијан Лекорну, истакна дека во следните пет години не може да се оечкува напад од страна на Русија кон НАТО-членка.  

Експертите на Институтот Монтенј се имплицитни:  додека трае војната во Украина која ќе заврши во 2026 г. Русија нема да нападе. Потоа се очекува да настапи особено опасен период во временската рамка помеѓу 2028-2029-2030. Поточно во 2028 година, која е последната година на мандатот на Доналд Трамп, во улога на  lame-duck „куц патор“ односно млитав претседател без политичка моќ, можно е да провоцира уставна криза (ако, на пример, одлучи повторно да се кандидира, со целосно кршење на американскиот Устав). Тензиите ќе продолжат и во следната година. Во 2029 година, е планирана вежба на руската армија и сојузниците наречена  „Запад 5“, слична на онаа што претходеше на инвазијата на Украина.

Во овој период, исто така, Ши Џинпинг ја одбележува 80-годишнината од основањето на Народна Република Кина (2029). Затоа се наметнува прашањето за решеноста на нинеското раководство да изврши преземање на Тајван пред крајот на оваа деценија, со мерки што се движат од засилена блокада до воена интервенција. Големата криза во Азија би понудила можност на Кремљ да ја искористи или дури во синергија  со  Пекинг да  создаде „диверзија“ во Европа.

Сценарио за воен напад

Замислете меѓу 2030 и 2032 во есента по неколку месеци криза, Русија започнува „специјална операција за заштита на малцинствата што зборуваат руски јазик“ во балтичките држави. Непосредна воена цел е анексијата на територии за кои се тврди дека се руски. Воедно тоа е и посакуваниот стратешки ефект на Кремљ до расклопување на НАТО и Европската унија.

Од самиот почеток, руските трупи, кои дејствуваат под лажно знаме, би ги нападнале трите републики истовремено, со примарен фокус на Латвија, која се смета за „слабата алка“ на Балтикот. Секундарните напади би се лансирале против Нарва во Естонија и коридорот Сувалки помеѓу Литванија и Полска. Со месеци, оваа криза се подготвувала, поттикната од хибридни операции спроведени од Русија. Изборот на датум од страна на Москва не би бил случаен. САД би биле во средината на претседателската. Од 2025 година, Европа се вооружува. Европејците беа обединети и разумно самоуверени: на хартија, рамнотежата на воздушната и копнената моќ им одговараше на бранителите.

Во принцип, одговорност на нападнатата држава е да повика на солидарност на сојузниците по чин на агресија. Таа може да избере да одговори на оваа агресија национално и во рамките на ad hoc коалиција, Како членка на ЕУ може да се повика  на член 42(7) од Договорот за Европската унија и на солидарност на сојузниците. Без оглед на фундаменталните политички размислувања споменати погоре, одлуката на Алијансата да ја повика клаузулата за колективна безбедност од Член 5 мора логично да следи по фазата на проверка на природата на агресијата. Клучот е да се осигура дека сојузниците навистина се справуваат со агресивна намера, а не со случаен напад. Во контекст на Студената војна, секоја двосмислена ситуација изгледаше релативно лесно да се разјасни.

Во денешниот свет, тоа веќе не е случај. Особено, широкиот спектар на „хибридни напади“ отвора еден вид сива зона. Ова остава отворени прашања како што се природата на нападот, неговата намерност, неговата сериозност и видот на одговор што го бара.

По прелетите над нејзината територија од страна на руски борбени авиони на 19 септември 2025 година, Естонија се обрати до НАТО да се активира  Член 4 од Договорот за НАТО, кој предвидува дека „страните ќе се консултираат меѓусебно секогаш кога, според мислењето на една од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на една од страните се загрозени“. Член 4 беше употребен девет пати претходно, но ова беше негово прво активирање по директен упад на руските сили во воздушниот простор на членка на Алијансата.

Иако прибегнувањето кон Член 4 може да се смета за предуслов за користење на Член 5, неговиот опсег е значително поограничен, бидејќи се однесува само на постапка за консултација. Активирањето на Член 5 („еден за сите и сите за еден“) во колективната перцепција води до  тотална војна. Активирањето на член 5 не е автоматско, ниту пак мерките што  произлегуваат  член 5 се автоматски. Кога претседателот Трамп неодамна изјави дека „постојат неколку толкувања на член 5“, тоа предизвика морници во ‘рбетот на европските претставници. Во оваа смисла Трамп е во право кога истакнува дека членот 5 навистина може да има неколку толкувања.

Слабостите на балтичките држави

Најмалата од балтичките држави, Естонија, има поголема површина од Данска или Холандија но многу помало население. Недостатокот на стратешка длабочина произлегува од комбинацијата на мало население, ограничената територија и непосредната близина до Русија и Белорусија. На тој налин се создаде чувство на изолација и оддалеченост од остатокот од Европа. Овој вистински географски недостаток на балтичките држави е донекаде ублажен откако Финска и Шведска се приклучија на НАТО, а Балтичкото Море сега се чини дека е јасно доминирано од поморските и воздухопловните сили на сојузниците на НАТО.

Во случај на „руски пробив“, дел од националната територија на засегнатите земји би можел да биде освоен релативно брзо, а изгубената територија би можела да биде многу тешко да се поврати. Конечно, прашањето на малцинствата што зборуваат руски јазик претставува трета потенцијална ранливост. Безбедносната ситуација покажа дека е погрешно  да се сметаат 24% од русофоните во Естонија или 35% во Латвија како „голем проблем“ или „закана за националната кохезија“. Сепак руските разузнавачки служби се уверени дека може да создадат жаришта на протести и дестабилизирачки инциденти. Присуството на русофоните само по себе не претставува потенцијална ранливост за овие земји, туку потенцијал за нивна индоктринација од страна на руските лидери. Во Естонија, вкупната бројка од 24% од населението што зборува руски јазик опфаќа различни етникуми и тоа: руски граѓани (6%), Белоруси, луѓе со потекло од други поранешни советски републики, Естонци чиј мајчин јазик е рускиот и „сиви пасоши“ (лица без државјанство: 12% од населението). Две области со висока концентрација на руски говорници се особено значајни: главниот град, Талин (38.000 руски граѓани); и градот Нарва, на границата со Русија, каде што 95% од населението зборува руски (гледачи на руски телевизиски канали, и покрај официјалната забрана).

Од 2007 година, естонскиот јазик е единствен јазик на наставата и затоа е веројатно дека бројот на русофоните кои не зборуваат естонски ќе се намали. Неодамна се појави одреден степен на фрустрација кај барем некои русофони во Естонија, особено откако мерките за демонтирање на советските симболи беа започнати во 2022 година. Сепак, големите демонстрации што следеа по преместувањето на „Бронзениот војник“ во Талин во 2007 година (како и инцидентите по 2022 година, како оние по преместувањето на „тенкот Нарва“) не резултираа со жртви.

Мрачни сценарија

Експертите на Монтејн, сметаат дека се  можни следните  фази во конфронтација помеѓу Русија и НАТО. Во овој миг може да се констатира дека хибридната војна почнала. Таа се манифестира како почетна фаза на хибридни напади за дестабилизација на јавното мислење и официјалните служби. Потоа следи  фазата на молскавични напади за окупирање на стратешки точки. Во прв ред паѓаат Нарва во Естонија,  Дунебург во Летонија како и зоната Сувалки во Литванија. Претседателот Путин оваа интервенција би ја оправдал со фактот  дека морал да дејствува за да ги зачува интересите и животите на русофоните и да се обиде да ги елиминира терористичките бази.  

Паралелно, настапува  фазата на нуклеарната уцена за поттикнување на политичката и дипломатската криза. Од своја страна, НАТО  целосно би го активирал член 5. Можни се повеќе  сценарија. Сценарио А:  Русија  престанува со нападите и се повлекува. Сценарио Б: Русија го апсорбира шокот и реагира на други територии во Европа. Друго можно сценарио е потикнато од САД  кои  поддржани од некои европски држави  одбиваат да се повикаат член 5. На тој начин НАТО како целина ја признава својот политичка пропаст. Европејците молчат, а балтичките држави се повеќе или помалку напуштени. Секоја европска земја бара билатерално уверување од Вашингтон. Париз, Берлин и Лондон сè уште зборуваат за коалиција, но со долгорочни цели. Можно е уште едно сценарио: Коалиција од волонтери од европски земји одлучува да ја продолжи борбата. Команда на корпусот предводена од Франција и Обединетото Кралство…

Ова е во кратка радиоскопија на можните сценарија кој ги развива тинк-тенкот Монтењ.

Како заклучок би се навратиле на Тукидид. Внимателното читање на Тукидид открива дека Пелопонеската војна не била само за ребалансирање на регионалната моќ. Таа првенствено била за гордост, погрешни проценки и недоволно мудри влади. Размислете за оваа позната забелешка од неговата „Историја на Пелопонеската војна“: „Незнаењето е смело, но знаењето е разумно.“ Ова не е структурна анализа, туку човечка вистина. Таа директно им се обраќа на оние кои ги мешаат своите импулси со стратегија, а храброста со сила. Или размислете за оваа застрашувачка изјава: „Силните прават што сакаат, а слабите трпат што мораат“. Дали некој ќе се препознае во овој постулат и кај нас во Северна Македонија? Тоа му го оставаме на неговиот разум и емоции.

Ако има една лекција што треба да се научи од историјата на Пелопонеската војна, тоа не е дека војната е неизбежна, туку дека станува веројатна кога просторот резервиран за разумност и размислување се урива пред стравот и гордоста. Тукидид не ни нуди теорија за меѓународните односи, туку предупредување, потсетник за лидерите кои, опседнати со своето место во историјата, ги водат своите нации кон бездната.

(Нано Ружин е универзитетски професор и поранешен амбасадор)