Станува ли возењето со електричен автомобил поскапо отколку со дизел
Илустративен е примерот со Хрватска, каде од понеделник почнува наплатата на јавните станици за полнење: за електрично возило кое троши околу 22 kWh на 100 километри, цената е околу 13 евра, а трошокот за возило што троши околу шест литри гориво на 100 километри е 9,1 евро
До пред неколку месеци, еден од мотивите за купување електрични автомобили беа три до четири пати помалите трошоци за возење.
Сепак, драстичниот скок на цената на струјата ја прави употребата на „дизелот“ поевтина и за една третина во споредба со помодерната конкуренција.
Така, купувачот на електричниот автомобил се нашол во ситуација новото возило не само да го плаќа двојно повеќе во однос на цената дизел автомобилите, туку и цената за користење на електромобилот е значително повисока од цената на возењето со мотор со внатрешно согорување. Со ова сериозно се доведува во прашање стратегијата за замена на класичните возила со помодерни и еколошки многу поприфатливите автомобили. Доколку се споредат со „бензинците“, резултатот од споредбата би бил уште понеповолен за електричните автомобили, пишува порталот 021.rs.
Илустративен е примерот со Хрватска, каде од понеделник почнува наплатата на јавните станици за полнење. ЕЛЕН, специјализиран сегмент на Хрватското електростопанство (ХЕП), ги одреди цените за наплата на своите станици за полнење, а ги има 31 и тие се главно концентрирани на најважните рути. Цените се за нијанса пониски од европскиот просек и зависат од моќноста на станицата за полнење и брзината на полнење на батеријата на електричниот автомобил. Во секоја варијанта има ноќна цена која е речиси 20 отсто пониска од дневната.
Така, во станиците за полнење до 22 kW, цената е 0,36 евра за kWh, а 0,28 ноќе. На станиците за полнење со моќност од 22 до 50 kW, ноќната цена е 0,385, на посилните од 50 kW цената е 0,58 евра. Времето на полнење е ограничено: 180 минути кај најслабите, 60 минути кај средно силните и 45 минути кај најсилните. Доколку се надмине, за секоја дополнителна минута се плаќа 0,14 евра. Секако, пред да отидете на станицата за полнење, треба да ја следите соодветната апликација на мобилниот за да се темпира доаѓањето со цел што помалку да се чека во ред.
ЕЛЕН го тестираше системот две недели пред да започне со наплата. Така, електрично возило кое троши околу 22 kWh на 100 километри, што е чест случај, може да ја наполни батеријата за помалку од половина час ноќе на најмоќниот полнач, а цената е околу 13 евра. Во исто време, пандан на дизел горивото, деловно возило со мотор со шест цилиндри, троши околу шест литри гориво на 100 километри возење, што е трошок од 9,1 евро.
Купувачот измамен
Излегува дека возењето електричен автомобил е и до 50 отсто поскапо од возењето класичен автомобил, па во Хрватска, уште пред официјалното започнување на наплатата на потрошувачката на струја за автомобили, многумина се прашуваат зошто би купиле помодерно возило. Чест е да се биде еколошки и „во тренд“, но електричниот автомобил е околу двојно поскап, а цената на користење е речиси 50 проценти повисока. Впрочем, за многумина цената на возењето, со години најавувана како три-четири пати пониска од „дизелот“ е непремостлива пречка.
Тие сметаа дека за 10 години ќе го вратат она што повеќе го платиле при купувањето, но сега испаѓа дека нема да успеат, туку трошоците за користење ќе бидат забележително поголеми. Покрај тоа, станицата за полнење е мала, па тестирањето покажа дека треба постојано да се биде на соодветната апликација, да се следи закажаниот термин за полнење на батериите и да се биде постојано подготвен.
Од ХЕП одговорија дека цената на струјата на берзите драстично и многукратно поскапела во последниот квартал, но дека се очекува значително намалување за година-две. Цените за полнење на батериите се соодветни на сегашните цени на струјата, а доколку се одлучиле за поевтина опција, големо прашање е дали другите оператори, мотивирани од цените во другите европски земји, воопшто би почнале да отвораат сопствен синџир на станици за полнење.
Полнење дома
Но, според експертите од ХЕП, постои решение за сегашните и идните возачи на електрични автомобили и тоа се темели на тоа што ноќната цена на струјата од домашните инсталации е само 0,07 евра за kWh. Предлогот е батериите на возилата да се полнат дома ноќе, додека на јавните станици за полнење би се полнеле само доколку растојанијата се подолги од 270 километри, колку што во просек може да се помине со акумулатор од 60 kW, пренесува порталот Бизнис и финансии.
Потсетуваат дека ефикасноста на дизел моторот е 33, а на електричниот дури 90 отсто од вкупниот потенцијал. Бидејќи литар дизел има потенцијал од 9 kWh, тој реализира само 3,1 kWh, наспроти девет кај електричните автомобили. Со оглед на тоа што цената на дизелот е околу 1,4 евра, излегува дека возењето електромобил е поевтино штом цената на струјата е под 0,35 евра. Во принцип, поради значително поголемата ефикасност на моторот, трошоците за помодерен автомобил треба да бидат најмалку два и пол пати помали.
Сепак, есенското драстично поскапување ја доведе во прашање логиката на луѓето од хрватското јавно претпријатие за производство, транспорт и дистрибуција на струја. Цената, сепак, не е (само) прашање на технолошка рационалност, туку е првенствено пазарна категорија и најмногу зависи од односот помеѓу понудата и побарувачката.