Станбените кредити ќе се одобруваат најмногу на 25 години, хипотекарните потрошувачки на 15, одлучи НБМ

Се намалува и максималниот дозволен сооднос меѓу месечните отплати на кредитите и приходите на кредитокорисникот. Измените ќе почнат да се применуваат од 1 декември годинава


Фото:Б.Грданоски

Од 1 декември годинава банките ќе може да одобруваат станбени кредити со рок на отплата најмногу до 25 години, а не до 30 како до сега. Истовремено, се заоструваат и условите за износот на ратата, која во иднина за кредитите во денари ќе може да биде најмногу 45 отсто од примањата, или 40 отсто оние со валутна компонента. Од новите мерки се ослободени само оние кои земаат станбен кредит за прв стан, за нив условте се непроменети. Се намалува и максималниот рок за одобрување на хипотекарните потрошувачки кредити, од досегашните 20 години на најмногу 15 години. 

Ова, во суштина, се новините кои ќе засегнат многу граѓани во земјава, кои планираат да купат недвижност или да земат потрошувачки кредит во некоја од банките.

Како што соопшти Народната банка, одлуката е донесена на седница на Извршниот одбор на НБ и која се однесува на измени и дополнувања на макропрудентните мерки за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица.

„Со измените се намалува максималниот дозволен ДСТИ – односот меѓу месечните отплати на кредитите и приходите на кредитокорисникот – и се скратува максималниот рок на отплата на одредени видови кредити. Целта е превентивно, во услови на здрав и стабилен банкарски систем, да се ограничат ризиците од прекумерно задолжување на домаќинствата и да се придонесе за одржливо кредитирање и финансиска стабилност. Поповолниот третман за граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште останува непроменет“, велат од Народната банка.

Од таму додаваат дека измените се донесуваат во услови на здрав и стабилен банкарски систем, без присутни системски ризици, при што квалитетот на кредитното портфолио на физичките лица и понатаму се подобрува.

Истовремено, кредитната активност кон физичките лица продолжува да расте. Во првото полугодие од 2026 година, годишниот раст на кредитите на физичките лица достигна 12,2 отсто, наспроти 11,2 отсто во 2025 година. Највисок раст е забележан кај станбените кредити, од 16,6 отсто.

Со измените, како што објаснуваат од Народната банка, максималната вредност на показателот ДСТИ се намалува за 5 процентни поени – од 50% на 45% за кредитите во денари и од 45% на 40% за кредитите со валутна компонента. ДСТИ покажува колкав дел од месечниот приход може да се користи за отплата на кредитите. За кредитите за прво купување сопствено живеалиште лимитите остануваат непроменети – 50% и 45%, соодветно.

Истовремено, максималниот рок за отплата на станбените кредити се намалува од 30 на 25 години, а на хипотекарните потрошувачки кредити од 20 на 15 години. За кредитите за прво купување сопствено живеалиште рокот останува 30 години.

Од Народната банка посочуваат дека овие макропрудентни мерки за првпат ги воведе во јули 2023 година, а нивната поставеност дополнително се зајакна од декември 2025 година.

„Досегашните податоци покажуваат подобрување на структурата на новото кредитирање, со намалување на кредитирањето на домаќинствата со повисок должнички товар. Оттука, дополнителното воведување мерки има превентивен карактер и е насочено кон навремено ограничување на потенцијалните ризици од прекумерно задолжување, пред да се остварат“, се вели во соопштението до медиумите.

Со мерките се задржува и поповолниот регулаторен третман за граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште, имајќи ја предвид специфичната намена на овие кредити.