Српскиот БДП порасна за 3,8 отсто, инфлацијата е повисока отколку во ЕУ
Реалниот бруто домашен производ (БДП) на Србија во десетте месеци од 2024 година се зголеми за околу 3,8 отсто, а инфлацијата е повисока отколку во сите земји на ЕУ, освен Романија, се наведува во најновиот број на списанието „Макроекономска анализа и трендови“.
Како што се наведува во магазинот, Србија оваа година е меѓу најбрзо растечките економии во Европа.
„Индустриското производство во периодот јануари-октомври порасна за 3,3 отсто, во самиот октомври растот на производството на годишно ниво изнесуваше 8,1 отсто. Во исто време, трендот на индустриското производство е на нагорна траекторија и покрај негативните ризици кои доаѓаат од движењето на најважните трговски партнери од еврозоната“, наведуваат економистите на тој магазин.
Се додава дека во октомври, четврти месец по ред, вредноста на надворешнотрговската размена расте – извозот стагнира, но забележливо е и забавување на увозот.
Годинава, како што се наведува, алтернатива на пониската побарувачка од ЕУ е најдена на пазарите во Кина и Турција.
„Да не се случеше тоа, во првите девет месеци немаше да имаме раст, туку пад на извозот на стоки“, велат тие експерти.
Дефицитот на буџетот во првите десет месеци бил, како што се наведува, околу 40 милијарди динари, што е за 14 милијарди подобро од „минусот“ планиран со ребалансот на буџетот.
Собранието на Србија го усвои Законот за буџетот за 2025 година, а главни цели на фискалната политика остануваат одржувањето на фискалната стабилност и намалувањето на јавниот долг во однос на БДП.