Срце и душа на сцена: Магична осмомартовска вечер со Дац и Александар во МНТ (галерија)
Видливо расположени, актерот и композиторот донесоа топлина, блискост и искрена емоција, каква што ретко се среќава на современите концерти
Нивните (новогодишни) забави во „Трибека“ се легендарни, ама првиот од двата концерти на актерот Драган Спасов – Дац и композиторот Александар Митевски за Денот на жената , синоќа во скопско МНТ, беше „џумбус“ подарок за понежниот пол, со нивни бројни хитови, една на Маниќ („Црвени рози за вас мадам“), две на Балашевиќ („Чардаш“ и „Оливера“), на Драган Мијалковски („Кажи нешто драга“), на Зијан („Пушти коси“)…, со топ специјални гости како Росана со „Признавам“ и Виолета Томовска со „Молитва“, диско кугла и конфети на сцена, во еден момент директорот на МНТ Никола Кимовски во улога на тапанар , па романтична средба на сцена со сопругите Ана и Весна, па запросување во живо, богати коктели за гостите и вредни награди од спонзорите. Нормално за двоецот кој живее боемски, а се романтичари по душа, како што велат тие.

Дац и Александар ѝ приредија на скопската публика вечер во која се избришаа границите меѓу сцената и гледалиштето, меѓу музиката и животот. „Не сме камен, луѓе сме“. Видливо расположени, донесоа топлина, блискост и искрена емоција, каква што ретко се среќава на современите концерти.

Тоа не беше класичен концерт туку топ забава за сите генерации со балади и брзи песни, замислен како „дом со барокнен мебел“ и со нивните омилени пијалоци на маса, бело вино за Александар, виски за Дац, дотерани во класични црни костуми. Околу со предмети кои се спомнуваат во нивните песни, како такси возило, уметничка слика, или фустан, со уникатни видеа на бимот, и со осмислена и шегобијна програма која вклучуваше 17 музичари на сцената, прв пат со бендот „Дрим тим“, која ја крена на нозе публиката од почеток до крај.

Песните се нижеа како носталгија, од првата нивна заедничка песна од пред седум години „Цреши охридски “ , па „Срце тетовирано“ од пред 26 години, „Срце на робија“, „Корона чао“, „100 посто фанки“, „Душа бакшиш“, „Еднаш човек живее“ ( Дарио, Угро, Александар), новата „Четири страни“… до „Уште ми фалиш“, како поп-химна и за бис.

Ред поезија, ред приказна зад секоја песна, ништо не беше глума, се беше спонтано и магично. На сцената настапи и хорот „Златно славејче“ со „Секој ден е 8 Март“, кои пееја со каранфил во рацете, па крајот им го подарија на дамите во публика. Посебно изненадување беше и гостинката со моќен глас која ги придружува на нивите настапи во „Трибека“, Билјана Ѓошева со „Воли ме, сакај ме“.
Л. Сабит
Фото: М. Аргакијева, М. Трајковски-Манца









