Според „Охрид СОС“, Сашо Мијалков продолжува да го гради спорниот хотел во Горица

Компанијата на Сашо Мијалков продолжува да го гради спорниот хотел во Горица, велат од организацијата „Охрид СОС“, потсетувајќи на историјатот на објектот и како тој изникна на една од најатрактивните локации на охридското крајбрежје, преку заобиколувања на прописите во последните 18 години.
Според она што го наведува „Охрид СОС“, во 2007 година се изготвува урбанистички план вон населено место, со кој дел од парк-шумата Горица се пренаменува во градежно неизградено земјиште, со конкретна намена хотелски комплекс. Градоначалник на Општина Охрид е Александар Петрески. „На почетокот на 2011 година, Министерство за транспорт и врски, предводено од Миле Јанакиески, објавува јавно наддавање за отуѓување државно земјиште сопственост на Република Македонија за изградба на хотел на Охридското Езеро. Победува фирмата „Дивелоп груп“ во сопственост на Сашо Мијалков, која добива катастарска парцела од 15.878 m2. Летото истата година, токму на таа локација е подметнат пожар, во кој горат треви и борови. Според МВР, поради немање соодветна пријава од инспекторатот за пожари, нема водени истраги за предизвикан пожар. Теренот се расчистува, а покрај изгореното, се сечат и здрави стебла. Се добива огромен простор кој потоа е ограден. Така останува безмалку една деценија. Во меѓувреме, поради судски процеси, имотот на Мијалков е замрзнат“, пишуваат во објава на социјалните мрежи од „Охрид СОС“.
„Но, наместо да се раскине договорот, за што има реални услови, Општина Охрид во два наврати потпишува анекс и му овозможува на Мијалков да не го изгуби земјиштето. Првиот анекс го потпишува градоначалникот Никола Бакрачески во 2013 година додека вториот го потпишува градоначалникот Константин Георгиески во 2020 година. ‘Охрид СОС’ пред неколку години ја побара комплетната документација од институциите, и со намера да се истражи дополнително и да се објави пред охридската и македонската јавност, ја понуди на неколку истражувачки редакции“, велат од организацијата.
„Без никакви пречки, на почетокот на минатата година дојде вистинскиот момент да се продолжи онаму каде што се застана во Горица. Хотелот се гради“, пишуваат од „Охрид СОС“.
„Овој проект никогаш не бил доставен ни до Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, ниту пак урбанистичкиот план бил ревидиран од аспект на неговата усогласеност со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион (2020-2029) во кој експлицитно стои „спречување на градежното зафаќање на релјефни возвишенија, доминантни места каде со изградбата на објекти ќе се наруши крајбрежниот пејзаж“, велат од „Охрид СОС“
„Поединци речиси бесплатно добиваат атрактивни локации низ целиот Охридски Регион, државното земјиште се отуѓува како тоа да е нешто невредно. Скоро во сите случаи, го добиваат локални моќници, познати или непознати партиски членови“, заклучуваат од „Охрид СОС“.