Според градоначалникот на Крива Паланка инспекторите ја штителе фирмата место граѓаните околу цијанидот

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во денешната дебата на ТВ24 зборуваше за случајот со рудникот „Тораница” и институционалното постапување поврзано со еколошкиот инцидент и загадувањето на Крива Река со цијанид и други опасни токсични материи.
Митовски истакна дека во соопштението од Државниот инспекторат за животна средина било наведено дека се работи за технолошки води, но без соодветни анализи. Тој посочи дека во целата постапка не се земени предвид сите инспекциски методи и дека и институциите директно излегле во одбрана и заштита на рудникот Булмак 2016″.
„Сметаме дека Државниот инспекторат е застанат директно во одбрана на приватната компанија. Поразително е за сите нас кои довербата ја црпиме од граѓаните да бидеме во функција на заштита на нечиј приватен или бизнис интерес”, додаде Митовски.
Во однос на обвиненијата кон него, рече: „Јас бев обвинет, кога го повикав Државниот инспекторат да си ја работи работата, дека се имам ставено во функција на државен инспектор. Извинете, ама јас се ставив во функција само на заштита на граѓаните кои ми ја дале довербата.” – рече Митовски.
Градоначалникот исто така укажа и на потребата од поширока институционална реакција:
„Самата прекршочна пријава која ја изрекува Државниот инспекторат не е решение на проблемот. Решение е поопсежна инспекциска анализа, во која ќе се наложи испитување на почвата, реката, сè што е неопходно за да биде заштитено здравјето на граѓаните.” – заклучи градоначалникот на Крива Паланка.