Српската црква одобри канонско единство со МПЦ-ОА

Со оваа одлука изгледа дека спорот од 1967 кога МПЦ прогласи автокефалност е решен. Црквата на Вранишковски ќе се претопи во МПЦ-ОА


 

Соборот на СПЦ денеска одобрил канонско единство на СПЦ со Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), пренесуваат српските медиуми.

Спорот кој датира од 1967 година, кога се одвои Македонската православна црква од СПЦ, со ова изгледа конечно е решен.

Пред оваа одлука на Соборот беа обновени разговорите меѓу патрхархот и претставници на МПЦ на чело со г.г. Стефан на една тајна средба о Ниш. По 20 години, откако на 17 март 2002 година беше склучен договорот исто така во Ниш меѓу СПЦ и МПЦ, околу дефинирање на нивниот однос, на истото место за време на првомајските празници повторно беше воспоставена комуникација, а тие вродија со денешната одлука на Соборот.

Патријархот Вартоломеј на 9 мај објави дека Светиот синод на Вселенската патријаршија ја признал Црквата во Северна Македонија на чело со архиепископот Стефан за канонска и валидна во целиот православен свет и со неа се воспоставува канонско и литургиско единство. Цариград го признава името Охридска архиепископија, што значи дека областа на нејзината јурисдикција е само во границите на Северна Македонија, а употребата на терминот „македонски“ е исклучена, како и какви било деривати на тој термин.

СПЦ се јави со официјално соопштение за одлуката на Соборот. Што се наведува во тоа соопштение?

 „Откако го доби актот на Светиот архиерејски синод на ‘Македонската православна црква – Охридска архиепископија’ со кој го прифаќа општопризнатиот канонски статус што му беше доделен во 1959 година од Светиот архиерејски синод на Српската православна црква, изразувајќи надеж дека Српската православна црква ќе го реши канонскиот статус, по што треба да следи сеправославна согласност и прифаќање на тој статус, Светиот архиерејски синод на СПЦ одлучи:

– Со благодарност кон Господа и со радост, Собранието го поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност, доделен во 1959 година;

– бидејќи со тоа се отстранети причините за прекинот на литургиското и канонското причестување, предизвикано со едностраното прогласување на автокефалноста во 1967 година, се воспоставува целосна литургиска и канонска заедница;

– со воспоставување единство на канонски основи и под услови на важење на канонскиот поредок на целата територија на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен туку и наменски, легитимен и реален ;

– во дијалогот за нивниот иден и евентуален конечен канонски статус, СПЦ ќе се води само и исклучиво од еклисиолошко-канонски и црковно-пасторални принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за ‘реалполитички’, ‘геополитички’, ‘црковнополитички’ и други слични дадени или еднострани иницијативи и кои не се предмет на ничие влијание или притисок;

– и, конечно, Соборот нема намера да ја условува новата сестринска црква со рестриктивни клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и во дијаспората по решавањето на нејзиниот статус, со негова препорака да се реши прашањето за нејзиното официјално име во директен братски дијалог со хеленската и другите помесни православни цркви“, се вели во соопштението од СПЦ.

Претходно, српски „Курир“ објави дека со ова признавање на СПЦ ќе значи и дека ќе има сериозни кадровски промени во рамките на Православната Охридска Архиепископија (ПАО). „ПАО беше автономна архиепископија во Северна Македонија, признаена од вселенскиот патријарх Вартоломеј и сите помесни цркви, а на литургијата требаше да го споменат само српскиот патријарх, како и сите други архиепископи и патријарси во православниот свет. Сега ПАО практично ќе ја преземе МПЦ на чело со претходниот ‘расколнички’ архиепископ Стефан и ќе се вика Охридска архиепископија. А поранешниот архиепископ на ПАО, Јован (Вранишковски), меѓу другото ќе се пензионира и поради тешката здравствена состојба.

Според нашиот извор, другите тројца владици Марко, Давид и Јоаким, кои се најблиски соработници на Вранишковски, ќе добијат управа на еден од манастирите во Северна Македонија, па ќе го задржат епископскиот чин или ќе добијат епархии во рамките на Охридска архиепископија“.