Спасовски: Бидете спокојни, нема безбедносен ризик од Авганистанците


Министерот за внатрешни работи,Оливер Спасовски, порача денес дека граѓаните можат да бидат спокојни бидејќи сите бегалци од Авганистан, што ќе дојдат организирано во земјата, ќе бидат проверени и одобрени, при што нашите служби се во постојана комуникаците со меѓународните. Колку е апсурден стравот од нивното доаѓање тој го илустрираше со два факта – дека за време на најголемиот бегалски бран во 2015 година низ Македонија поминаа еден милион мигранти и тоа не остави никакви последици во земјата. Вториот факт пак беше дека не се ризик Авганистанците што ќе дојдат од Авганистан, туку нашите граѓани што биле таму изминатите години да војуваат на страната на талибанците, а кои веќе се вратени во земјата, одлежуваат казна или поминуваат низ процес на ресоцијализација. 

Околу лицитирањето со бројката на Авганистанци што треба да дојдат во земјата (ако воопшто дојдат), Спасовски и министерот за надворешни работи Бујар Османи денес објаснија дека таа е флуктуирачка, дека е заснована на барањата добиени од меѓународните организации во таа земја и на нашите одобрувања, но дека ситуацијата се менува од час во час и не се знае ниту кога ќе дојдат, ниту колку ќе дојдат. 

-Досега бројката е 750 потврдени од наша страна. Таа е флуктуирачка и во рамките на нашите можности . Како доаѓаат нови барања, така се прават нови проценки – политички, безбедносни и здравствени, пред да се прифатат. Ние сме подготвени да примиме толку, но ситуацијата е непредвидлива.Не знаеме кога ќе тргнат и тоа зависи од безбедносната состојба, рече Османи, соопштувајќи дека имало најави за една група што требало да дојде од Катар, но заминале во друга држава. 

-Овие цивили работеа во меѓународни организации, за држави членки на НАТО, за нашите сили и тие не се радикални за да преставуваат закана. Но, како МВР сме должни да ги провериме и тоа го налага процедурата. Затоа, да бидат спокојни граѓаните, нема индиции за загрозување на безбедноста, порача Спасовски.