Сотирова Бухова: Заклучоците на Анкетната комисија за Онкологија се политички реваншизам
Поранешната директорка на Државен санитарен и здравствен инспекторат Ирина Сотирова Бухова преку пишан допис до медиумите реагира на предлог заклучоците за нејзина политичка одговорност на собраниската Анкетна комисија за случајот со Онкологија.
– ДЗСИ нема никаква законска надлежност во делот на препишување на терапија, распоредување на терапија и контрола над начинот на кој се аплицира терапијата. Во прилог на ова говорат и законските надлежности на инспекторите од ДЗСИ, од каде е јасно дека инспекторатот не е органот кој е надлежен за преземање на активности и проверки во конкретниот случај. Дополнително во рамки на инспекторатот додека јас сум била директор немало никаква пријава и инспекторатот немал никакви сознанија за евентуални неправилности, за да реагира и ги проследи сознанијата до надлежните институции, наведува Сотирова Бухова.
Според неа, предлог заклучоците се неиздржани и се одраз на политички реваншизам.
– Како здравствен работник јас ја подржувам работата како на анкетната комисија така и на секој орган кој би придонел до расчистување на сите околности за овој случај, но не можам да останам нема на злоупотребата на овој процес за нелегитимно собирање политички поени и неоснована политичка дискредитација, стои во реакцијата на на Ирина Сотирова Бухова.
По бурните реакции и обвинувања на вчерашната седница на Анкетната комисија на која членовите од власта и опозицијата се скараа околу заклучоците и околу тоа кој треба да сноси политичка одговорност за скандалот на Онкологија, денеска вербалната војна продолжи преку партиски соопштенија. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека власта ја саботира анкетната комисија и прави се за да ги заштити своите партиски кадри. Од СДСМ пак возвратија дека заклучоците на Рашела Мизрахи се напишани од Белата палата, дека се само нејзини лични и дека се презентирани без усогласување и гласање од членовите на комисијата.
Претседателката на анкетната комисија Мизрахи ги соопшти предлог заклучоците според кои политичка одговорност треба да сносат екс министерот Венко Филипче, како и тогашните директори на онкологија Нино Васев и Нехат Нухи и директорите на Инспекторатот и Фондот за здравство во тој период. Анкетната комисија има рок до 3 декември кога треба да ги достават заклучоците до Собранието.