Сопственик на пералница за автомобили стои зад кривичната пријава за Арафат Муареми
„ Во временскиот период од февруари 2022 до денес постојано сум предмет на притисоци и закани, како и разни уцени од страна на пријавеното лице. Со други зборови се врши насилство врз мене. Како директор на Финансиска полиција ја користи и злоупотребува својата положба и моќ добиени од функцијата што ја извршува, а со цел да се откажам од моето право што го остварив во постапка за легализација на објект во Дебар“, стои во пријавата со вчерашен датум.
Директорот Муареми вели дека оваа кривична пријава е продолжение на нападите против него и Управата кои доаѓаат од ист центар, откако претрес во Управата направи Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„ Јас како директор, како и вработените во Управата за финансиска полиција препознаваме и свесни сме дека овие намерно исценирани и неосновани напади кон нас, доаѓаат од еден ист центар за кој што во Управата, но, и во други институции веќе активно се водат соодветни постапки, во зависност од надлежностите на институцијата. Очекуваме ваквите напади и притисоци да продолжат и во наредните денови, се додека органите на надзор и контрола активно работат на расчистување на неодамнешните случувања со незаконскиот претрес во нашата институција. Намерата на овие напади е повеќе од очигледна. Меѓутоа, во интерес на излегувањето на вистината на виделина, ќе се воздржам од дополнителни коментари на ваквите однапред смислени сценарија и оставам надлежните институции да постапуваат согласно своите надлежности. Дополнително, сакаме да нагласиме дека објавите во одредени медиуми дека Основното јавно обвинителство Скопје поднело кривична пријава против директорот на Управата се лажни и невистинити“, вели директорот Муареми.
При претресот во Управата истражителите ги запишале архивските броеви на анонимните пријави од 2018 година до денот на претресот, а обвинителката Вилма Русковска изјави дека постапуваат по пријава од граѓанин и од претресот зависи да има нешто основано во пријавата.