Соосновачот на „Епл“ вели дека можеби бил „нултиот пациент“ од корона во САД


Соосновачот на „Епл“, Стив Вознијак, се сомнева дека тој и неговата сопруга можеби се „нултите пациенти“ кои го прележале корона вирусот, откако во јануари биле на крстосување во Југоисточна Азија и се вратиле со „најлошиот грип во животот“.

Како што пишува „Ју-Ес-Еј тудеј“, Вознијак и неговата сопруга имале главоболка и кашлале силно, а неговата жена чија кашлица била крвава, завршила во болница. Лекарите, како што изјавил Вознијак за новинарите, им рекле дека тоа сигурно не е американски грип, односно дека се разболеле додека биле на крстосување.

Вознијак два дена не можел да стане од кревет и бил принуден да ги откаже договорените состаноци и настапите во Лас Вегас, а избегнувал и контакти со луѓе додека не му било подобро. На Твитер напиша дека тој и неговата сопруга можеби се нултите заразени од корона вирусот во САД.

Со оглед што вирусот се појави во Кина, во почетокот на јануари не се помислуваше дека може да се рашири и во други земји, ниту пак, имаше тестови со кои во САД се проверуваше присуство на вирусот кај луѓето, а сега е доцна да покажат дали Вознијак имал КОВИД 19.

„Кога денес би ги имал истите симптоми, сигурно би бил тестиран на корона вирус и би биле ставени во карантин“, им рекол Вознијак на новинарите. Како што вели, тој го контактирал и Центарот за контрола и превенција на болести, но таму го советувале да ги мие рацете и дека не сакале да го тестираат бидејќи и тој и жена му веќе немаат никакви симптоми.

Откако твитот на Вознијак вознемири многумина, тој рекол дека изразот „нулти пациенти“ бил своевидна шега, додавајќи дека сопружниците имале и симптоми кои не се карактеристични за корона вирусот, како гастроинтестинални симптоми. На неговата жена лекарите и поставиле дијагноза дека има инфекција на синуси.

„Сега нема начин како да дознаеме дали сме биле заразени со корона вирус. Поминаа два месеци од инфекцијата и еден месец без симптоми“, рекол Вознијак.

Корона вирусот веќе имаше големо влијание врз технолошките компании – покрај падот на вредноста на акциите и потешкотии во снабдувањето со компоненти од Кина (каде што беа затворени фабриките), беа откажани и некои големи конференции, како на пример на Гугл, а на вработените во Твитер им беше кажано дека одредено време ќе работат од дома за да се спречи евентуалното ширење на вирусот во нивните канцеларии.