Солидарноста е најсилна од кога и да е: Интервју со Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, уметници од Полска

Енергијата меѓу нас и луѓето кои работат тука, ги препознавам како пријателски настроени, и како пријателски гест и ми овозможува лесно да се поврзам со културата, која може да се нарече македонска, но јас би ја нарекол човечка и интернационална, вели Павел Алтхамер во интервјуто за „Независен“


 
Полските  уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер, едни од најзначајните европски уметници од својата генерација, две недели беа ексклузивни гости на Музејот на современа уметност во Скопје. Не како публика, туку како креативци кои секој ден создаваа 
 уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони… Посетителите беа добредојдени да донесат дел од овие материјали и со тоа да придонесат во создавањето на делата. Голем куриозитет е што дел од делата ќе ги подарат на Музејот и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција. Со овој гест се реактуелизира донацијата на дела од светски познати автори.
 
Делата на Жмијевски (1966) се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерна во Лондон…
 

Алтхамер (1967) учествувал на најзначајните светски изложби, меѓу кои Документа 10 (1997), на Биеналето во Венеција (2003, 2013), Берлинското Биенале (2012), Skulptur Projekte Münster (2017) и добитник е на биеналната Награда за современа уметност во Европа „Винсент ван Гог“ во 2004 година.

Вечерва е финалето на нивната креатива работа. Во МСУ се отвори нивната изложба, токму со овие креирани дела, насловена како „Полска школа на колаж“ (Polish School of Collage), која ќе биде поставена до 25 август 2022 година.
 
Со уметниците во живо, во интервјуто за „Независен“, пред изложбата, освен за нивниот креативен потпис,  разговаравме и за македонската уметност и гостопримливост. 
 
 
 

По што е специфична Полската школа на колаж?

Алтхамер:  Тоа доаѓа од ирониската дистанца од работата што ја правиме, која треба да има име, но исто така и како почит кон полските традиции на авангардата, како слобода да се нарекуваат како што сакаат. Тоа исто така е пријателско име на една традиција која што сега ја создаваме. Се надевам дека во иднина таа ќе стане популарна во градинките, како метод за разрешување на конфликти и создавање релации меѓу млади луѓе, и за ти да ги учат возрасните, а тоа е можно.

 

Дали вашиот креативен потпис е ист или различен? Како би го опишале?

Жмијевски: Креативен потпис? Да, дефинитивно имаме различни креативни потписи. Од моја перспектива, јас сум повеќе фокусиран на бојата, а Павел е многу повеќе фокусиран на обликот и цртежот, и конструкцијата на сликата, но одвреме-навреме ги менуваме местата, и учиме еден од друг.

Тоа што сум подучуван од Павел значи дека се стекнувам со нови вештини и дека можам да ги проширам својот креативен потпис. И обратно.

 

Две недели создавате дела во МСУ. Дали ја доживеавте, на еден начин, македонската култура и гостопримливост?

Алтхамер Да, и чувствувам дека можам да го наречам ова место храм на уметноста и пријателството. Енергијата меѓу нас и луѓето кои работат тука, ги препознавам како пријателски настроени, и како пријателски гест и ми овозможува лесно да се поврзам со културата, која може да се нарече македонска, но јас би ја нарекол човечка и интернационална. Но, можеби би можеле да ја наречеме и од перспектива на космичкиот поредок, што значи да биде отворена за нови искуства и прифаќање на сегашниот миг со насмевка.

 

Што (не) очекувавте, а од што се изненадивте?

Жмијевски: Го познавам малку градот, бидејќи ова не ми е прва посета. Малку сум изненаден од времето. Се чувствувам како да се варам, и тоа е некако тешко за мене, многу е жешко. Изненаден сум од ситуацијата што направивме ваков неред овде, а никој не е бесен поради тоа, и на некој начин се работи за слободата на создавање.

 

Дали имате сознанија за македонската уметност?

Жмијевски: Знаеме многу за македонската уметност, поради тоа што градот е преплавен од уметнички дела, а исто така добивме од музејот некои публикации, како што е оваа жена скулптор (Борка Аврамова) и се едуцираме и дознаваме користејќи ги овие книги за колажите.

Алтхамер: Исто така, е уникатно и реалистично искуство да се работи во македонски музеј на уметноста којшто е изграден од полски архитекти, како една убава грчка традиција да се соработува. Тоа е една многу демократска практика којашто можеме да ја почувствуваме не само додека работиме со Артур, седнати еден наспроти друг на масата, туку исто така гледајќи дека тоа е една многу е природна работа, но и комплексна задача, да се направи вакво заедништво.

 

Со овој ваш гест ја продолжувате низата донации со современи дела кои ја збогатија вредната колекција на Музејот. Како полската уметност е позиционирана на светската уметничка мапа ?

Жмијевски: Во моментов ние сме на македонската уметничка мапа, како полски уметници. Не знам…

Алтхамер: Ако станува збор за уметничката мапа која ние ја создаваме тука, се чини дека позицијата е во процес, но ја гледам како пријателски прогрес, бидејќи нема конфликти, или пречки помеѓу нас, и многу се забавуваме користејќи ги тие таканаречени конфликти, но мислам дека не е прецизен збор за да се изрази тоа што се случува меѓу нас. Тоа е само различна перцепција за она што ние го правиме, сместено на една мапа на експресија, израз.

 

Жмијевски: Но, ние дефинитивно сме на мапата на Јужна Европа, поставени од вас. Дефинитивно е важна, направена како гест на солидарност, како донација, како гест на создавање на институција од нула, после катастрофата. Мислам дека исто како и во Музејот за уметност во Лоѓ, основан од уметниците преку донации, така и овде како иницијален гест да се основа музејот, полските уметници зеле учество во таа колективна креација. Не знам точно колку е вредно тоа што го имате како полско присуство во колекцијата.

 

МСУ, каде што творевте, е симбол на солидарно Скопје. Некогаш и сега, дали солидарноста е сѐ уште силна во светот и ги поврзува народите како порано?

Жмијевски: Се надеваме.

Алтхамер: Дури и посилна од порано. Најдобриот момент е сега, сегашноста во која што се наоѓаме. Сите тие гестови на недоразбирање, комплекси на лудост се совршен облик со којшто може да се игра, за радикално да се одговорат личните прашања – која е мојата позиција и што можам јас да направам во еден толку убава простор/вселена околу мене.

Транскрипт и превод на македонски: Владимир Јанчевски

Фото: МСУ