Премиерно изведена претставата „Мац Мац“ во велешкиот театар


На сцената на велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа премиерно беше изведена претставата „Мац,Мац“ инспирирана од „Мачка на вжештен лимен покрив“ на Тенеси Вилијамс во режија и кореографија на Филип Петковски.

Во неа настапија актерите Ведран Чешарек-Брик, Ана Јовановска, Илин Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Филип Христовски и Сандра Танчева.

Музиката е на Мориц Вернер од Германија, сценографија на Дардан Жегрова од Косово и Филип Петковски, а костимографијата е на Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска.

Режисерот Филип Петковски појаснува дека Вилијамс честопати презентира длабоко несреќни и маргинализирани ликови кои се борат со своите внатрешни демони, социјални притисоци и комплексност на нивите човечки односи. Најчесто тие се аутсајдери желни да станат дел од некаква заедница.

Додава дека и во неговата претстава „Мац Мац“ публиката проследи една длабоко несреќна фамилија која сонува за живот, а во кој депресијата не е опција. Но за жал излезот го бара во погрешни вредности и супстанции за да ја прими дневната доза допамин. Појаснува дека тоа за жал тоа се луѓе кои сите ние добро ги познаваме со кои можеме да се поистоветиме или луѓе кои и ние самите сме биле. Потенцира дека за жал тоа е еден од главните проблеми на нашето депресивно општество.

Проектот е финансиран од Интернационалниот фонд за копродукција (Internationaler Koproduktionsfonds) на Гете институтот и Министерството за култура.

Инаку претставата има најава дека ќе биде изведена на фестивалот ФИАТ во Подорица, а потоа и на уште неколку фестивали.