Солидарниот данок ќе се враќа на две годишни рати, првата во март идната година, а втората во 2027
Солидарниот данок во износ од речиси 50 милиони евра, што го уплатија 156 компании пред две години, ќе се враќа во две годишни рати, првата во март идната година, а втората една година потоа. Тоа значи дека државата за оваа цел треба да обезбеди значајни средства во буџетите за идната и за 2027 година. И покрај тоа што враќањето на парите се прави со значително задоцнување, компаниите нема да добијат никаква камата за нивните уплати.
„Министерството за финансии постапува по задолжение на Владата согласно одлуката донесена од страна на Уставниот суд од 5 февруари 2025 година“, велат од Министерството за финансии.
На прашањето на „Независен“ со каква динамика ќе се враќа солидарниот данок и колку пари за таа намена се предвидени во Буџетот за 2026 година од Министерствот за финансии посочуваат дека согласно задолжението на Владата беше доставено писмо со предлог до компаниите, средствата да бидат исплатени на две рати, односно првата исплата да биде на март 2026 година, втората исплата да биде во март 2027 година без дополнителни побарувања од страна на даночните обврзници.
„Компаниите доставуваат одговори во кој се изјаснуваат за предлогот доставен од Министерството за финансии и согласно договореното ќе се превземат натамошни дејства за започнување на постапката за враќање на средствата“, истакнуваат од Министерствот и додаваат дека во 2023 година врз основа на Законот за солидарен данок 156 компании уплатија во Буџетот околу 3 милијарди денари.
Уставниот суд донесе одлука за поништување на Законот за солидарен данок, со што државата ќе треба да им врати околу 49,2 милиони евра на 156 компании.
Од Министерството, сепак, не прецизираат колку средства за оваа намена се обезбедени во Предлог-буџетот за наредната година, кој е во собраниска процедура.
Инаку, Уставниот суд поведе постапка за оцена на уставноста на законот на 20 ноември 2024 година, со спојување на повеќе предмети, а одлуката беше донесена на 5 февруари годинава.
Оваа давачка беше воведена како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година, а го уплатија компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (или околу 10 милиони евра). Според тогашното образложение, целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин.
Според оцената на Уставниот суд, законот ја повредил темелната вредност владеење на правото уредена со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и фундаменталните принципи на кои почива, како што е правната сигурност на субјектите во нивната правна положба, правната предвидливост и правната извесност во легитимните очекувања на субјектите во правото.
Исто така судот оцени дека со донесувањето на овој данок, компаниите биле ставени во нееднаква положба и дека законодавецот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост, како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото. (М.Ј.)