Софија сега најде нова цел – Србија

Мнозинството бугарски европратеници испратија документ до институциите во Брисел во кој обвинуваат дека српските власти се однесуваат со омраза и прогон кон бугарското малцинство


Еден од градовите во Србија каде големото мнозинство се Бугари е Босилеград

 

Македонија малку е оставена на мира, на ред дојде Србија.

Бугарија го засилува притисокот врз Белград околу положбата на бугарското малцинство во Србија вовлекувајќи ја и Европската унија во овој случај. И тоа во времето кога преговорите меѓу Белград и Приштина се во најкомплицираната фаза.

Мнозинството бугарски европратеници испратија писмо до европските институции, во кое обвинуваат за репресија и влевање омраза кон бугарското малцинство во Србија во последните години. Отвореното писмо е објавено во пресрет на состанокот на ЕУ со Западен Балкан.

Ставот не е поддржан од петте европратеници на БСП. Истовремено, преостанатите 12 претставници на Бугарија во Европскиот парламент предупредуваат дека „генерацијата на омраза во српското општество против Бугарија, а со тоа и против ЕУ најмногу оди во корист на Кремљ“.

Во писмото се нагласува дека на српскиот јавен простор континуирано има говор на омраза против бугарското малцинство, испровоциран од институциите, што создава тешки услови за живот на Бугарите во Србија.

„Србија не треба да се суди само според нејзините зборови, туку само според постапките што ги презема и кои мора да бидат во синхронизација со европските вредности и човекови права, вклучително и оние за заштита на малцинствата“, се вели во писмото на бугарските европратеници.

Тие велат дека српските власти го ограничуваат наставата на бугарскиот јазик, на секој начин го спречуваат зачувувањето на бугарското културно наследство, продолжуваат со фалсификувањето на историјата на Титова Југославија. Владата во Белград и српската црква не дозволуваат верски служби на бугарски јазик, политички, граѓански и еколошки организации и нивните активисти се прогонувани, обвинуваат европратениците.

Бугарските европратеници пишуваат дека во српскиот јавен простор континуирано имало говор на омраза кон бугарското малцинство, а во медиумите систематски се создавала слика за Бугарија и Бугарите како опасни непријатели.

Српската православна црква е посочена како тесно поврзана со руските интереси и обвинета за активно генерирање на антибугарски чувства во последните 15 години.

„Заедно со други научно-историски, државни и воени органи и културни институции ги злоупотребува историските настани од Првата и Втората светска војна за да одржува омраза кон Бугарите. Во дворот на едно училиште во Сурдулица, каде што учат и бугарски ученици, е изградена спомен костурница, канонизирани се тнр. ‘Сурдулиски маченици’, кршејќи ги црковните канони, започнаа годишни црковни литургии и наградни конкурси во училиштата за есеи и цртежи на тема ‘бугарските ѕверства’ за време на војните“, се вели во писмото.

Во исто време, рударски компании со руски капитал има во регионот на Босилеград, кои, во форма на развој на пилот проекти за производство и складирање на екстракти од руда од обоени метали, сериозно ги загадија водата, воздухот и почвата, пишуваат европратениците.

Европратениците потсетуваат дека српското обвинителство води случаи против најактивните граѓански и еко-активисти од бугарско потекло во Босилеград со цел да ги заплаши да замолчат.

„Имајќи го предвид сето ова, апелираме до европските институции со барање да посредуваат кај српските власти за безусловно почитување на правата на бугарското малцинство, преземајќи итни активности за подобрување на економијата, патната инфраструктура, здравствената заштита и животната средина“, напишаа европратениците.

Тие велат дека пред еден век во околината на Босилеград на територијата на Србија живееле меѓу 91.000 и 120.000 Бугари. Според последниот попис во Србија има околу 13 илјади Бугари.

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, во август изјави дека Бугарија не ги признава националните малциства, а во исто време протестира кај соседите за наводно лошиот третман на тамошните Бугари.

„Бугарија не признава национални малцинства, но од друга страна, толку многу протестира за лошата состојба на Бугарите во Србија. И ова е… Но кога ќе им кажеме, а Србите во Бугарија, тогаш тие одговараат: ‘Нема Срби во Бугарија’. Тоа значи дека и ние треба да кажеме дека нема Бугари во Србија. Тогаш нема да има проблеми со бугарското национално малцинство“.

Според Дачиќ, „секаде каде што има различни етникуми, има војни, конфликти и кризи“.