Социјалистичката партија шири говор на омраза и најавува уништување на „платениците и полтроните“


 
Социјалистичката партија на Македонија објави денес соопштение под нивото на која било политичка партија во Македонија, кое наедно изобилува со говор на омраза и примитивен речник што ја отвора дилемата – ова ли ќе биде начинот на кој новата власт ќе комуницира со јавноста и ќе гради дијалог, или најавува дека ќе се соочиме со политичка нетолеранција,  навреди и плукања додека тие со ВМРО-ДПМНЕ се на власт.
 
Ова е оригиналното соопштение за да читателите сами просудат за кого гласале и што ги очекува:
 
„Социјалистичката партија на Македонија оценува дека до крајност искомпромитираните структури од бившата ненародна власт и нивните медиумски мегафони не се подготвени да го прифатат изборниот пораз заканувајќи им се на победниците на изборите. За да покажат дека имаат желби за уште предавства овие недемократски сили безобразно бараат новата власт, која е во фаза на формирање, да продолжи со досегашната погубна антимакедонска политика. 
 
Овие распаднати ненародни штетници во медиумите шират лажен страв и паника дека со убедливата победа и предизборната кампања се отворени националистички и безбедносни прашања кои се опасност за државата. Сакаат да им наметнат чувство на вина на македонскито народ за неговиот правилен и плебисцитен државнички избор.
 
Тие бараат новата власт да отстапи од предизибрните ветувањата кои се исти со барањата на македонскиот народ. Нивната подлост и стапици се со цел да се дискредититраат сите од Коалицијата ‘Твоја Македонија’. Се потврдува дека платениците и полтроните работат до крај и дека нема да се помират ако Коалицијата оствари успеси на меѓународна и  домашна сцена.
 
Социјалистичката партија на Македонија укажува дека борбата против овие ретоградни сили мора да продолжи се до нивно целосно разбивање и уништување на нивното негативно и штетно делување против интересите на македонскиот народ и држава“.