Со музика, забавни игри, храна и пораки одбележан Денот на Европа во Градскиот парк во Скопје


Делегација на ЕУ во земјава денеска во Градскиот парк во Скопје е домаќин на централниот настан по повод Денот на Европа, кој е отворен за сите граѓани. Манифестацијата започна со настап на детски танцови групи пред летната сцена „Школка“, а потоа напладне евроамбасадорот Михалис Рокас и официјално со пригоден кус говор и порака го прогласи настанот за отворен. 

Во Градскиот парк со евроамасадорот денеска беа и министерот за европски прашања Беким Сали, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, амбасадори на земји членки на ЕУ и други.  

– Денеска го славиме Денот на Европа заедно со граѓаните на Скопје. Поентата на денешниот ден е да дискутираме, да се дружиме со граѓаните на Денот на Европа за да видиме што има да понудат и граѓаните на Северна Македониja. Работиме напорно граѓаните да станат дел на семејството на Европската унија. Се разбира за да се реализира тој процес, исто така е важно граѓаните да ни се придружат и да ни помогнат во реализација на таа цел, рече Рохас.

Евроамбасадорот повторно посочи на видеото изјавата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта кој им се обрати на граѓаните, нарекувајќи ја нашата земја „идна членка на Европската унија“.

– Мислам дека оваа порака е од огромно значење затоа што всушност пораката којашто ја праќа е порака на солидарност, на поддршка, на решителност за да може сите вие да ја надминете и последната препрека за да го започнете пристапниот процес со Еу, како што веќе реков на самиот почеток – рече Рокас.  

Првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали истакна дека европската интеграција останува стратешки приоритет на Владата и дека Денот на Европа претставува симбол на единство, солидарност и заедничка европска перспектива за граѓаните на Северна Македонија.

Интегрирањето не знали само политичка изјава, политичка определба, туку побарува поголема општествена и институционална консолидација така што ние напорно работиме на ова, рече Сали.

На новинарско прашање, кажа дека следната недела се очекува до нас да бидат доставени одговорите на точките од Реформската агенда што ние ги пративме до ЕК во јануари. – Ние декларативно знаеме дека сме исполниле поголем дел од тоа што сме го доставиле. Тоа се 16 од 21 точка што сме ја доставиле до ЕК и тоа значи дека сме на добар пат да ги исполниме и следните чекори коишто се очекуваат до крај на јуни да ги исполниме, рече Сали.   

Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски во изјавите за медиумите кажа дека денешниот ден носи една силна и трајна порака, а тоа е дека Европа не беше изградена врз сила и поделби туку врз помирување, визија и заедничка надеж за подобра иднина на сите нас. Градот Скопје, потенцираше тој, мора да биде двигател на позитивните промени, град што ќе обединува и создава, град што ќе биде пример како европските политики се претвораат во реални политики и конкретни резултати пред се.  

По официјалниот дел, делегацијата ги посети тематските зони посветени на промоција на локални производи, одржлива економија и креативни иницијативи поддржани од Европската Унија.  

На крајот од настанот беше реализирано и симболичното отворање на Игрите на Европа, организирани во соработка со земјите-членки на ЕУ, со цел промоција на европскиот дух, соработката и културната разновидност.  

На Денот на Европа во Скопје во Градскиот парк имаше игри и забава организирани од земјите-членки на ЕУ, од делот за храна (Slow Food and Food Corner) и штандови со рециклирани предмети (Combo Creative Studio) до можноста за учење за растенијата и урбаното зеленило (Cvetko) или локални еколошки бизниси (Yes for Less). Имаше музичка програма со настапи во живо на танцовата компанија „Еурека“, Дина Јашари, Звада, „Конкеринг Лион“, „Дапунк и Дабл Г“ , Емили Нас и Мартина Пенева.

Денот на Европа ќе заврши на зајдисонце, кога зградата на Владата на Северна Македонија ќе биде осветлена во сино.

Програмата за Денот на Европа за 2026 година, е организирана под слоганот „Наша Европа. Посилни заедно“ се организира од Делегацијата на Европската Унија, мрежата на Јуроп Хаус и амбасадите на земјите-членки на ЕУ.

Денот на Европа e прогласен за празник на ниво на ЕУ и е неработен ден за вработените во европските институции. Меѓу членките на ЕУ, 9 мај е државен празник само во Луксембург, додека во Романија тој се поклопува со Денот на независноста на земјата. По повод на Денот на Европа, ЕУ и нејзините институции секоја година организираат настани и манифестации за одбележување на празникот. Денеска, на самиот Ден на Европа, во земјите членки на ЕУ ќе се одржат бројни активности, настани и концерти.