Со музичко-ликовен настан одбележан Меѓународниот ден за побезбеден интернет


За прв пат кај нас се  одбележува Меѓународниот ден за побезбеден интернет и тоа во Општина Аеродром, во ООУ „Димитар Македонски“.

На настанот присуствуваше министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски како и градоначалникот Дејан Митески.

– Сакаме да ја поткренеме свеста на младите, особено на учениците за важноста на безбедното користење на интернетот, на модерните алатки, на социјалните медиуми и оттука сметавме на ваква комбинација на музичко-ликовен хепенинг, на којшто ќе ги презентираме и придобивките од интернетот и безбедното користење на интернетот и ќе разговараме со младите како побезбедно да ги користат овие алатки е начинот како да допреме до најмладите – рече Андоновски.

Тој потсети дека Министерството веќе изработи Упатсто кое е дистрибуирано до училиштата, до МОН и до педагошката служба кои ресурси треба и можат да ги користат училиштата во разговор со учениците.

– Вториот дел на тоа Упатство содржи предлози на апликации коишто родителите можат да ги искористат за да забранат определени страници или содржини за децата – додаде Андоновски и упати на нивнте веб-страници или на социјалните мрежи, родителите да го погледнат списокот апликации кои можат да им помогнат на децата да им овозможат безбедно користење интернет. 

За денешниот настан, децата изработуваа цртежи на тема безбедно користење интернет, а за награди се погрижи А1.