Со Мицкоски на власт – довербата во судството паднала уште два проценти!
Според Брисел, судиите и обвинителите се соочуваат со јавни кампањи за оцрнување, и онлајн и преку медиумите, во кои се вклучени високи функционери и политичари
Довербата на граѓаните во судството значително паднала оваа година во споредба со минатата, односно од 28 отсто во 2025 година стигнала до 26 отсто годинава, стои во годишниот извештај на Европската комисија за владењето на правото во Македонија.
Она што е поважно е дека главната причина за тоа е перцепцијата дека има мешање и притисок од страна на Владата и политичарите во независноста на правосудството, и тоа не само кај граѓаните туку и кај компаниите. Практично, откако премиерот Христијан Мицкоски почна да напаѓа и да кажува кој е добар обвинител или судија, а кој не е и треба да си оди, довербата во праводуството достигнала ново дно.
Уште повеќе, ако внимателно се чита извештајот секаде провејува ставот дека правосудството се труди, но и да сака не може да постигне подобри резултати поради ограничените кадровски и финансиски ресурси, при што Владата најавила дека ќе им го зголеми буџетот, а место тоа – дополнително им го намалила и го држи под законскиот минимум, додека истовремено Министерството за финансии не дава пари за обука на нови кадри.
„Мешањето и притисокот од другите државни гранки продолжува да предизвикува сериозни загрижености во врска со почитувањето на судската независност. Независноста на судството и автономијата на обвинителството се поткопани од недоволна буџетска распределба. Постапката за разрешување на главниот обвинител откри ризик од политизација и недостатоци во правилата за разрешување.
Избраните функционери и владини претставници ги засилија своите лични критики против судиите и обвинителите што ги обвинуваат за корупција, а беа дадени и изјави од највисоките нивоа на Владата за планови за чистење на судството и обвинителството. Овие изјави ризикуваат да ја поткопаат независноста на судството и принципот на поделба на власта. Покрај тоа, судиите и обвинителите се соочуваат со зголемен притисок од јавни кампањи за оцрнување, и онлајн и преку медиумите, во кои се вклучени високи извршни функционери и политичари.
Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии заеднички издадоа јавна изјава во која изразуваат загриженост поради постојаните, неосновани критики на судството, за кои тврдат дека ја поткопуваат судската независност и ги кршат демократските принципи во врска со поделбата на власта“, стои во оценката на ЕК.
Околу оставката пак на претходниот државен јавен обвинител (Ненад Савески е поштеден од оценка во извештајот) се појаснува дека постапката за разрешување открила „ризик од политизација и недостатоци во правилата за разрешување, што на крајот доведе до оставка на главниот обвинител“.
„На 16 декември, главниот јавен обвинител јавно поднесе оставка, пред седницата на парламентот на која ќе се разгледува предлогот на Владата за негово разрешување, врз основа на наводи дека тој го нарушил угледот на судството. Советот на јавни обвинители го повтори своето негативно мислење за предлогот за разрешување. Заинтересираните страни сметаа дека процесот на разрешување претставува негативен преседан, со потенцијално значајни импликации за автономијата на Јавното обвинителство, покренувајќи суштински прашања за владеењето на правото, конзистентноста на институционалните процедури, како и посочувајќи го недостатокот на јасност во врска со фактичката и правната основа за разрешувањето. Нов главен јавен обвинител, кој ги исполнува законските критериуми, беше избран на 18 март, пред планираното усвојување на нов Закон за Јавното обвинителство“.
Затоа , еден од условите на Брисел за прифаќање на новиот Закон за јавно обвинителство е да се прецизира основата за именување и за разрешување на државниот јавен обвинител и одлуката да се носи со квалификувано мнозинство. Во извештајот стои дека „Владата предложи измени на Законот за Јавното обвинителство, а парламентот усвои нови измени на Законот за Советот на јавни обвинители за зајакнување на автономијата на обвинителството, но потребни се понатамошни измени“.
Адресиран е и недостатокот на персонал во судството, кој според ЕК се влошил, бидејќи нема нови кандидати за судии и обвинители кои минуваат низ почетна обука и нема доволно средства за помошен персонал.
„Буџетите на судството и јавното обвинителство остануваат под законскиот минимум, а намалувањето од 4,3% на средствата во 2025 година, во споредба со претходната година, дополнително ја влоши ситуацијата што ја поткопува судската независност и обвинителската автономија.
Понатаму, судовите и обвинителствата сè уште треба да добијат формално одобрение од Министерството за финансии за внатрешни буџетски распределби, како што се одлуките за ресурси и персонал, што не им дозволува буџетска автономија.
Владата иницираше законски измени на законите што ги регулираат платите на судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, со цел
подобрување на статусот на судиите и јавните обвинители во согласност со европските стандарди. Сепак, во февруари, Собранието ги измени гореспоменатите закони за плати на
судиите по скратена постапка, намалувајќи ги коефициентите за пресметување на нивните плати. Здружението на обвинители објави соопштение, сметајќи дека недоволните
надоместоци ја доведуваат во прашање независноста на Јавното обвинителство, а на 3 март, Врховниот суд и Судскиот совет потсетија во заедничка изјава дека материјалната и финансиската независност на судството не се привилегија, туку суштински елемент на уставниот поредок и гаранција за владеењето на правото“, стои во оценката на ЕК.
Извештајот повторно ја нагласува потребата од нов Кривичен законик за кој властите тврдат со месеци дека се подготвува, а рокот од Реформската агенда за негово усвојување истекува во декември оваа година – што значи дека го троши и периодот на толеранција, така што нема да изненади ако епилогот биде ист како и за Изборниот законик, бидејќи нема волја да се гони корупцијата.
Во извештајот притоа стои дека „беа усвоени измени на Кривичниот законик кои покажаа неколку недостатоци во споредба со претходната рамка, додека се подготвува сеопфатна реформа. И покрај неодамнешните напори за истражување и гонење на корупцијата, одложувањата во судските постапки, ретките конечни пресуди и ограничените ресурси продолжуваат да го попречуваат развојот на силна евиденција на случаи за корупција (изречени пресуди н.з.) на високо ниво“, стои во сумираната оценка на извештајот.
За измените на Кривичниот законик практично стои дека клучните одредби од измените направени како времени, кои требаше да обезбедат гонење за злоупотреба на службената положба и за криминално здружување, и натаму се чекор назад од претходната рамка, што беше сменета со скандалозниот упад пред неколку години. Според ЕК, овие измени декриминализираат одредени ситуации околу гонењето за злоупотребата на службена положба и ги намалуваат казните за сериозни форми на корупција. Според извештајот само 22 отсто од компаниите во земјата веруваат дека тие што се фатени за земање поткуп се соодветно казнети така што перцепцијата за корупцијата во јавниот сектор земјата и натаму е висока. Најмногу корупција притоа се регистрира во јавните набавки и во здравството.
Иако партиите се препукуваат со соопштенија кој е одговорен што нема договор за измените на Изборниот законик, во извештајот има оценки и за ова прашање кои јасно покажуваат дека темата нема така лесно да биде ставена под тепих од Брисел и дека џабе глумат разногласие во парламентот бидејќи според ЕК, таа е високо на списокот на изворите на корупција. Имено, во извештајот јасно стои дека „надзорот врз (политичките) кампањи и финансирањето на политичките партии продолжува да биде засегнат од несоодветно законодавство и од недостатокот на ресурси во Државната комисија за спречување на корупција“ да го следи текот на парите.
„Предлогот даден во јуни 2025 година од страна на Министерството за правда за
измена на Изборниот законик не ги опфати значајните аспекти потребни за да се обезбеди вистинско спроведување на правилата за борба против корупцијата на изборите. Ова е особено случај во однос на подобрување на надзорот врз финансирањето на кампањите и следење на злоупотребата на јавните ресурси во изборните кампањи, вклучително и ограничување на јавните трошоци и воспоставување јасни механизми за поделба на државниот буџет за платено рекламирање на кампањите, како што е препорачано од Канцеларијата на ОБСЕ за
демократски институции и човекови права (ОДИХР). Беа изразени загрижености, особено од страна на ОДИХР и ДКСК, за капацитетот за надзор на ДКСК во однос на соодветните ресурси,
потребната техничка експертиза и потребните овластувања за спроведување поради
недоследности во законската рамка“, стои во извештајот кој очигледно не го опфаќа и периодот додека партиите се ценкаа и повторно одбегнаа да одговорат на овие барања околу измените на Изборниот законик. Практично, ЕК потврдува дека дека ДКСК е неефикасна исто така и дека уште се справува со последиците од скандалот со првата антикорупционерка Татјана Димитровска.
Во извештајот исто така стои дека АКМИС системот е застарен, дека дигитализацијата е на многу ниско ниво во правосудството, дека опаѓа процентот на завршени судски случаи, дека под притисок на бизнис и политички интереси медиумите се повеќе не ги почитуваат етичките стандарди за кои воведоа саморегулација, а дека пристапот до јавни информации се разликува од институција до институција со тенденција да се воспостави „административна тишина“, т.е. да се игнорираат или на административна основа да се отфрлаат барањата. Делумно позитивна е оценката дека во однос на претходните години е намален бројот на закони донесени по брза постапка, но и натаму повеќето се донесени така – 51 отсто, при што место Владата сега таквите закони ги иницираат пратеници.