Со „Кула крај море“ повторно патуваме низ мистичниот поетски универзум на Влада Урошевиќ
Во песните од „Кула крај море“ морето не е само природен пејсаж, туку симбол на тајната, бескрајот и човековата потрага по смисла. Кулата пак се јавува, како простор на осаменост, размислување и духовно издигнување
Академик Влада Урошевиќ со најновата поетска збирка „Кула крај море“ (во издание на „Антолог“), создава особен, мистичен и соновиден свет во кој реалноста и фантазијата постојано се преплетуваат.
Синоќа, во просторот на литературното кафе „Метаноја“ посветен на духовното во стварноста, во книжевноста и во уметностите, со стиховите, корицата на збирката, инспиративната реч на промоторот, академик Иван Џепароски и личните доживувања на Урошевиќ, ја почувствувавме сетилноста што Медитеранот во себе ја носи, поврзаноста со светлината, со боите, со звуците, со мирисите и со вкусовите на медитеранската стварност и на медитеранската мисла .

Оваа збирка, уште тазе испечатена, претендира да стане едно од најзначајните дела во современата македонска поезија, препознатлива по богатата симболика, необичните слики и длабоката филозофска атмосфера.
Во песните од „Кула крај море“ морето не е само природен пејсаж, туку симбол на тајната, бескрајот и човековата потрага по смисла. Кулата пак се јавува, како простор на осаменост, размислување и духовно издигнување. Преку овие мотиви, Урошевиќ ја истражува врската меѓу сонот и јавето, минатото и сегашното, видливото и скриеното.
Особената мистичност на збирката произлегува од начинот на кој авторот создава атмосфера исполнета, со тишина, сенки, далечни предели и недофатливи значења. Неговите стихови често наликуваат на визии или соништа, оставајќи простор читателот сам да ги открива нивните скриени пораки. Токму затоа „Кула крај море“ се смета за едно од најмистичните и најмагични поетски остварувања на Влада Урошевиќ.

„ Навидум невообичаено, но, промоцијата ќе ја започнам со дизајнот на корицата од книгата Урошевиќ, на авторот Марко Трпески (инаку, наградено графичко решение на Саемот на книгата 2026). Не случајно тргнувам од корицата, зашто ми се чини дека таму се наоѓа и еден од можните клучеви за растајнување на суштината на оваа книга“, истакна синоќа, промоторот Џепароски.
„Затоа ќе тргнам со еден феноменолошки опис на она што на сите им е достапно кога со својот поглед ќе се прошетаат по корицата од книгата: на насловната гледаме една кула која лебди (левитира) во светло-синото небо над темно-синото море, поставена врз еден октопод, кој едновремено зграпчил и еден дрвен брод со едра од пердуви наместо платно. Сè на сликава асоцира на една надреална слика во духот на сликарството на надреализмот.
Но, ако ја погледнеме задната страница од корицата на книгата ќе сфатиме дека кулата од предната страна на корицата е вистинска (стварна) зашто на сликата го гледаме самиот автор Влада Урошевиќ фотографиран пред оваа загадочна кула крај морето …
Но, мене оваа кула, ми е исто така позната … (Уранополис и влезот со брод кон Света Гора …)
Оттаму, доаѓа и мојот толкувачки исказ кој, колку и да изгледа чудно, гласи:
ЗАД СЕКОЈА НАДРЕАЛНОСТ ПОСТОИ РЕАЛНОСТА,
ИЛИ УШТЕ ПОЗАСИЛЕНО КАЖАНО:
ЗАД СЕКОЈ НАДРЕАЛИЗАМ ПОСТОИ РЕАЛИЗМОТ
(ВО УМЕТНОСТА ДУРИ И КАКО ФОТОРЕАЛИЗАМ)“, ќе потенцира, синоќа, промоторот Џепароски.
Триумфот на мечтата врз стварноста, сепак, кантијански кажано се остварува со помош на „слободната игра помеѓу мечтата и разумот“, зашто поезијата на Влада Урошевиќ е потпрена не само врз естетското (сетилното, поврзано за сетилата) туку и врз ноетското (мисловното, поврзано со интелектот).
„Сето ова силно доаѓа до израз и во последнава дванаесетта поетска книга на Влада Урошевиќ под насловот „Кула крај море“ – за која особено прониклив и инструктивен поговор има напишано една од најдобрите познавачи (заедно со Владимир Мартиновски) на поезијата на Влада Урошевиќ кај нас, професорката Лидија Капушевска-Дракулевска. Тоа ми ја ослеснува работа, зашто вечерва не морам во целина да ја толкувам поетска книга на Урошевиќ и неа да ја поставувам во контекст на севкупното негово творештво, туку, оттаму, само ќе се задржам врз една песна од оваа книга, за која ми се чини дека во основа ги епитомизира севкупните стремежи на стихозбирка. Станува збор за песната „Крајот на летниот ден“, ќе забележи во својата промоторска реч, Џепароски.
КРАЈОТ НА ЛЕТНИОТ ДЕН
Топлите вечери на крајот од јуни:
изморени се веќе и мирисите.
Светлината е истенчена и како струна ѕуни.
Дену, доста беше, смири се!
Испарува штотуку полеаниот тревник:
воздухот не се дише од густина.
Водата што прска има глас певлив.
Осите кружат околу чешмината устинка.
Полни превриен мед се веднат царските лилјани.
Зашеметените пајаци плетат криви плетила.
И небото и земјата се тетерават како пијани.
Не можеме повеќе, викаат сите сетила.
И на крајот од својата промоторска реч, Џепароски го покани авторот да ни каже, како алхемичарите кои во лабораторијата се наведнати „врз стаклените епрувети“ и „чекаат да им пристигне формулата“ за „тајното злато“, како овие „маѓосници“ успеваат надреално да ги поврзат во една целина трите последни стихозбирки на Урошевиќ: „Тајно злато“ (2016), „Безразборна лабораторија“ (2019) и “Кула крај море“ (2026). Навистина, како? (Л.С.)