Со каков аршин се мери должината на притворот за Јанева?


Фото: Б. Грданоски

Во заднина на дебатата поттикната од пратеникот Антонио Милошоски за тоа дали премиерот Зоран Заев се обидувал да влијае за ослободување на Катица Јанева од притвор, Кривичниот совет во судот во Скопје донесе одлука со која, на барање на Обвинителството, за нови 30 дена ѝ го продолжи престојот во „Шутка“ на поранешната специјална обвинителка. Сепак, останувањето на Јанева во притвор не е дефинитивно, затоа што првостепениот суд сѐ уште не се произнел по барањето на нејзината одбрана – да се брани од слобода за случајот „Рекет“, во кој е третооосомничена.
Познавачите велат дека теоретски е можно судот да донесе позитивна одлука и по барањето на одбраната за поблага мерка за обезбедување на Јанева. Во таков случај, правосилната одлука за тоа дали таа ќе остане во притвор би ја донел Апелацискиот суд. Од судот ни посочија дека барањето на одбраната е во постапка, додека одлуката што вчера ја донесе Кривичниот совет за продолжување на притворот на Јанева за нови 30 дена е испратена кај судијата на претходна постапка.
На другите двајца осомничени Бојан Јованоски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец, на кои им беше одреден притвор веднаш по избувнувањето на аферата, пред извесно време им беше продолжен престојот во истражниот затвор. За разлика од Јанева, која е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластување, Боки 13 и Кичеец се товарат за примање награда за противзаконито влијание, а Јовановски и за перење пари и други приноси од казниво дело. Истрагата за „Рекет“ не е завршена сѐ уште, што, според упатените, може да биде аргумент за задржување на осомничените во притвор. Пред околу еден месец, или ноќта откако и беше одреден притворот на Јанева, шефицата на обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска изјави дека за три месеци Обвинителството за организиран криминал и корупција треба да ја заврши истрагата и да поднесе обвинение.
„Ако сметаме до колку може да бидат осомничените во притвор, инаку истрагата може да трае шест месеци, можеме да бараме и продолжение на истрагата, но ако сакаме да опстои притворот и понатаму, во рок од три месеци мора да биде подигнато обвинение”, рече обвинителката Вилма Русковска.
Додека Јанева ги минуваше првите 30 дена во притвор, околу СЈО се одигруваа турбулентни случувања, кои прво резултираа со преземање на предметите од страна на редовното обвинителство, а потоа и со растурање на тимот кој отвораше истраги и подигаше обвиненија за случаите што произлегоа од масовното нелегално прислушување до 2015 година. Во меѓувреме се случи и разрешувањето на Јанева за „незаконско, несовесно и непрофесионално работење“, ден пред да и истече мандатот во СЈО, кога беше разрешена и од нејзиното матично обвинителство во Гевгелија.
Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска, во изјава за „Независен весник“ посочи дека одбраната пред да го поднесе барањето за ослободување од притвор ја чекала конечната одлука на Советот на јавни обвинители во однос на постапката за разрешување на специјалната обвинителка и пресраспределувањето на луѓето од нејзиниот тим. Според Фрчкоска целта може да се постигне и со поблага мерка. Според неа, основите за притвор се анулирани со самото разрешување на Јанева од СЈО и од ОЈО – Гевгелија.
-Треба да се има предвид дека сегашните околности се поинакви во однос на тие пред 30 дена. Станува збор за најтешка мерка, иако се анулирани сите основи поради кои Јанева би останала во притвор, како што се можност за влијание на сведоци, за повторување на делото или бегство…– ни изјави Фрчкоска.
На прашањето дали дилемите што се отворија во јавноста околу тоа дали премиерот Заев бил информиран дека Јанева ќе биде пуштена во домашен притвор можеби влијаеле на одлуката за прифаќање на барањето на Обвинителството за продолжување на притворот, Фрчкоска вели дека судот треба да носи одлуки неоптоварен од притисоци.
-Без никаква основа се создаде непријатна атмосфера околу сосема логичното барање на одбраната за ослободување од притвор на Јанева, со оглед на тоа што истекуваат првите триесет дена откако ѝ беше определена оваа мерка. Судот треба да ги носи одлуките ослободен од надворешни притисоци и влијанија, непристрасно и врз основа на закон – вели Фрчкоска.
По „развластувањето“ на Јанева, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески почна да им ги враќа предметите на СЈО на обвинителите што беа дел од ова обвинителство. Но, малкумина од највисоките функционери што се опфатени со случаите на СЈО завршија во притвор или барем од прва не им беше одредувана таква мерка, иако на тоа веројатно влијаеа и опструкциите со кои ова обвинителство се соочуваше во судот. На експремиерот Никола Груевски, на пример, никогаш не му беше одреден притвор, иако СЈО покрена неколку постапки против него, а тој избега за Будимпешта дури по правосилноста на пресудата за случајот „Тенк“. На поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков притвор му беше одреден дури по отворањето на случајот „Империја“, а потоа и при донесувањето на првостепената пресуда за „Титаник 2“, додека на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска никогаш не ѝ беше одреден притвор. Од бившите високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, опфатени со повеќе случаи на СЈО, во притвор беа Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Покрај поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески, меѓу првите притвор добија Горан Грујевски и Никола Бошковски од Петтата управа на МВР, но тие го искористија одолговлекувањето на процедурите во судот, за да избегаат од државата.
На реакциите за притворање на поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, што опозицијата ги посочуваше како политички реваншизам, премиерот Заев во неколку наврати одговори дека лично е против определување притвор и дека тоа треба да биде крајна мерка. Тој изјавуваше дека, сепак, тоа се одлуки на правосудните институции врз кои тој не може да влијае затоа што тоа би значело притисок врз судството.
Адвокатката Фрчкоска вели дека одбраната има право на жалба по одлуката за продолжување на притворот за Јанева за нови 30 дена, ама дека ќе ја почека одлуката по нејзиното барање обвинителката да се брани од слобода. Имотот на Јанева е понуден како гаранција за нејзино пуштање да се брани од слобода. Јанева е прв обвинител во земјава на кој му е одреден притвор. Првите 30 дена притвор што ѝ ги одреди судот истекуваат денеска. Александра М. Митевска

Кој и како делеше притвори?

Во последниот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права во земјава се посочува дека во 2018 година значително опаднал бројот на наредби за притворање, во споредба со претходните години. Во повеќето случаи,како што се наведува, по барање и на Јавното и на Специјалното обвинителство, судот одредил превентивни мерки наместо притвор за осомничените. Во извештајот на Стеј департментот за 2016 година, пак, се наведува дека во периодот од 2012 година Основниот суд Скопје 1 одобрил 99 проценти од барањата за притвор поднесени од Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Истовремено, како што се посочува, судовите ги одбиле во најголем дел сличните барања за одредување притвор и други мерки за обезбедување присуство на обвинетите поднесени од страна на СЈО. Одобрени биле само четири од вкупно 23 барања за притвор поднесени од СЈО, се посочува во извештајот.