Со гордост ќе се откажеме од членството во ЕУ
Секој има право да верува дека чуда се можни. Па и да ветуваш нешто што е посакувано и ако може да живее како илузија барем извесно време. Но илузијата секогаш се распрснува
Гордана Силјановска- Давкова и партијата што ја кандидира за шеф на државата ќе ѝ ја вратела „изгубената“ гордост на Македонија во меѓународните односи и изгубената гордост на граѓаните дома, кои биле понижени од досегашната власт, затоа што сета власт во земјава ѝ ја препуштиле на партијата ДУИ и а на меѓународен план се однесувала поданички и без достоинство.
Тие со својата умност, тактики и стратегија, ќе го оневозможеле „домашниот непријател“ ДУИ да владее како до сега, а на „надворешниот непријател“, како што е Бугарија, ќе му покажеле заби, по што ЕУ ќе сфатела дека не може туку така да си игра со нас и ќе ѝ наредела на својата членка Бугарија веќе да не прави каков било проблем во врска со нашето членство во ЕУ.
Според нив, Бугарија имала сила да нѐ уценува не затоа што со тоа уценување нешто добива, туку затоа што таа извршувала задачи на други членки на ЕУ кои не сакале Македонија да почне преговори со ЕУ без претходно да се справи со криминалот и корупцијата во земјава.
И затоа, кога новата власт на ВМРО ДПМНЕ за само 6 до 9 месеци ќе се справи со криминалот и корупцијата во земјава, важните членки на ЕУ ќе ѝ наложеле на Бугарија да се откаже од своите барања кон Македонија. Македонија во меѓувреме ќе се откаже од Договорот за добрососедство со Бугарија бидејќи не бил „симетричен“ и праведен за нас; европската рамка за преговори ќе била сменета, а Европската комисија ќе ѝ наложела Софија да ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и Бугарија ќе го признае македонското национално малцинство во таа земја.
Секако дека секој има право да верува дека чуда се можни. Секој има право да ветува и нешта кои навидум изгледаат невозможни. И да ветуваш нешто што посакувано со кое може да се живее во илузија барем извесно време. Но илузијата секогаш се распрснува.
Но, колку се поголеми очекувањата толку се поголеми разочарувањата. И тоа граѓаните треба да го знаат. Да те излажат еднаш не е страшно. Ама ако те излажат одново, вината за последиците лежи и во тебе.
А има многу индиции кои укажуваат на тоа дека сите вакви ветувања на ВМРО ДПМНЕ се лага и ќе бидат запаметени само како уште една голема изборна измама на оние што ќе гласаат за партијата и нејзните кандидати.
Христијан Мицкоски и неговата дружина од белата палата, која е симбол на корупцијата во Македонија, со речиси истиот состав на пратеници од времето на режимот на Груевски, кој заради криминал побегна во Будимпешта и е недостапен за правдата, ветуваат дека за шест до девет месеци по доѓањето на власт ќе се справеле со криминалот и корупцијата во земјава. Ќе го распуштеле Сускиот совет и Советот за јавни обвинители, ќе избереле нови судии и обвинители и ќе почнело да тече мед и млеко.
Откако одново ја освоија власта на локално ниво, и Данела Арсовска ни ја продадоа како врвен менаџер и многу чесен политичар, со неа се во кавга а таа секој ден повторува дека тие се фатени „со рачињата во медот“. Мицкоски беше советник и висок функционер во владата на Груевски, „моќникот“ Антонио Милошоски нарачуваше лустрации за заштита на криминал и остварување лична корист – тие и многу други со застарени кривични дела не се гаранција дека ќе се борат против корупцијата и криминалот.
За шест до девет месеци можат, како и секогаш кога доаѓале на власт, да направат неколку спектакуларни апсења на поранешни функционери, и новинари како Томислав Кежаровски, кога во 2013 година го уапсија и осудија за текст објавен во 2008 година. И потоа сѐ ќе биде само правдање зошто тие не можат да се справат со криминалот и корупцијата. Го имаат сега во своите редови и Љубе Бошкоски кого го апсеа „како говедо“, но кој исто така на времето со одамна починатиот Пане Велев, апсеше бизнисмени од поранешната власт по домовите пред нивните деца.
Силјановска ветува дека ако станела претседател ќе ги амнестирала осудените за насилниот упад во Собранието на Македонија и нивниот обид да убиваат пратеници и иден премиер на земјата. А со тоа ќе ја вратела гордоста на Македонија во меѓународната заедница.
Во времињата кога тие ја чуваа гордоста на Македонија, во декември 2012 година пред католички Божик, сили на тајната полиција упаднаа во Собранието од кое ги исфрлија со сила прво новинарите (за да не дознае јавноста што прават), а потоа и опозициските пратеници за на мир, заедно со пратениците на ДУИ, да го усвојат буџетот за наредната година, задолжувањата на земјата и да изберат Народен правобраниетел од редовите на ДУИ. Тогаш почна големиот срам за Македонија пред меѓународната јавност. Типично за нив беше тепањето на студенти на плоштатот во Скопје од страна на бандити и верски фанатици, нарачувањето упади и шлаканици во Општина Центар за да се заштити криминалот, сите насилства и злоупотреби за кои слушнаваме од нелегално прислушуваните разговори, бегствата од правдата на нивни функционери и на крајот нападот на нашиот Капитол хил.
Со сите тие случувања во нивна режија и во период на нивно владеење ѝ беше нанесуван срам на Македонија не само дома туку и во меѓународната заедница. Примената на политичко насилство за ВМРО-ДПМНЕ и неговите коалициски партнери била од секогаш само легален инструмент за владеење. И затоа тие го применуваат, заштитуваат и не го осудуваат.
А сето тоа е најмалку за гордеење. Џо Бајден во своето неодамнешно обраќање на нацијата рече дека од таквите е во опасност демократијата. И тие што влегоа во американскиот Конгрес со сила, им нанесоа срам на САД и нема намера да ги амнестира.
Но Силјановска очигледно ги следи и промовира политиките на Доналд Трамп и е дел од хорот кој говори за наша и нивна Македонија, за Македонија на Албанците и Македонија на Македонците, за Македонија на газдите и Македонија на кираџиите. Така таа ќе ја враќа гордоста на Македонците, на вмровците и на нивните. Така само се засилуваат поделбите, се влошуваат меѓуетничките односи и се загрозува мирот во земјата.
Ни се смееше меѓународната заедница кога со години го баравме гробот на Александар Македонски, кога се колневме дека сме директни наследници на Александар, ама од гоцевата раса, кога изградија еден куп споменици на „нашите“ антички предци, сменија имиња на улици и плоштади и сето тоа само за да го скријат огромниот криминал преку политичко инструментализирање на историјата.
Тој меур од сапуница пукна со Преспанскиот договор со Грција, и среќа е што на македонска и на грчка страна се јавија луѓе и политичари кои знаеа што е реалност, што е можност и како може да се заштити достоинството и гордоста на двете страни во име на нивната иднина.
На јавноста ѝ е позната приказната од 2006 година кога пред изборите Груевски ветуваше дека ќе станеме членка на НАТО и на ЕУ, дека ќе се справи со криминалот и корупцијата и дека нема да прави владина коалиција со „терористите на Али Ахмети“.
Ништо од тие ветувања не оствари. Успеа само на кус период по изборите да направи влада со ДПА на Арбен Џафери и веќе со мајскиот договор од 2007 година да го земе ДУИ за свој верен партнер во власта, нудејќи му и остварувајќи амнестија за хашките случаи, министер за одбрана во владата и сѐ она што нему му обезбедуваше да прави што сака во „своите ресори“.
Тогаш започна „рефеудализацијата“ на Македонија која ВМРО-ДПМНЕ ја патентираше како модел на владеење во Македонија.
Оттука сите приказни за влада без ДУИ без оглед на изборните резултатити се мамка не само за оние што не го сакаат ДУИ како партија, туку и за оние што сметаат дека „Албанците многу добиле и сѐ ни зеле нам Македонците“. А тоа е национализам и вовед во можно влошување на меѓуетничките односи.
Сите 1.198 проекти од програмата на ВМРО ДПМНЕ се сведуваат само на едно големо ветување кое гласи: „Не за промена на Уставот под бугарски диктат“. Тоа е продолжување на онаа кампања „Не у ЕУ“.
Сите пратеници од сегашниот состав на таа партија и коалиција, кои со нотарски изјави пред лидерот се обврзаа дека нема да гласаат за промена на Уставот, по заслуга се одново на пратеничките листи и лично го гарантираат тоа. Значи нема промена на Уставот и првите шест до девет месеци од мандатот што би го добиле, тие ќе се бореле само за подобрување на угледот на земјата на планот на борбата против криминалот и крупцијата. И со така подобрен углед на земјата, прво ќе се откажеле еднострано од „неправедниот“ Договор за добрососедство со Бугарија, а потоа преку своите „пријатели“ во земјите на ЕУ ќе се избореле за тоа Македонија да почнела преговори за членство и без исполнување на „диктатот“ од Бугарија.
Така тие ќе ја врателе гордоста на Македонија и на македонскиот народ кој гордо ќе порачал дека никој не смее да му диктира и да го уценува , па дури и никогаш земјата да не стане членка на ЕУ.
И на крајот. Никаде не пишува и никој од нив не кажува, ниту ги прашуваат новинарите: А што ќе се случи ако за шест до девет месеци не успеат да се справат со криминалот и корупцијата во земјата? Како и кој ќе го оценува тоа ниво на справување со криминалот и корупцијата? И што ако и покрај големиот успех на тој план ЕУ повторно бара промена на Уставот под „бугарски диктат“?
Ќе има ли одговорност за тоа?
Ветуваат ли дека ќе понесат одговорност за лагата и измамата?
Или ќе речат. Граѓаните нѐ избраа. А народот е во право и кога греши.
(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)