„Со еден збор – ништо“: ССМ и работодавачите за стоте дена на владата


Од првомајскиот протест на работниците во 2024 (Фото: Б. Грданоски)

 

Не само што нема зголемување на минималната плата, туку нема ни заеднички средби меѓу синдикатот и владата на кои ќе се разговара за подобрување на статусот на работниците во првите сто дена. Незадоволни се и работодавачите. Тие очекувале многу од новата влада, а добиле ништо.

„Во првите 100 дена од Владата требаше да седнеме на заедничка маса и да ги разговараме сите важни прашања како растот на платите што требаше да се случи вчера, а денеска веројатно веќе ќе биде доцна. Сметавме дека ќе имаме можност токму во првите 100 дена да ги изнесеме сите прашања“, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов.

Зборувајќи со новинарите пред денешната конференција посветена на социјалниот дијалог што ја организира ССМ заедно со фондацијата „Фридрих Еберт“ тој не даде конкретен одговор што има оставено најголем впечаток во стоте дена на новата влада.

„Меѓутоа, од тоа што можам да го кажам е дека утре ќе биде 101. ден од новата влада и повторно нема да биде ништо сменето“, рече тој.

Според него, аргументите се на страната на работниците и смета дека 25 илјади работници кои примаат плата од 22 567 денари е некоректно, односно нечовечки да ја примаат како таква и дека е кривично дело да го прават тоа работодавачите.

Претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска, беше постра. Таа вели дека очекувањата од новата влада биле големи, но не добиле ништо.

„Имавме многу високи очекувања, а не добивме речиси ништо. Очекувавме дека оваа влада ќе има чувство за бизнисот, за сите оние кризи со кои се соочуваме во работењето, меѓутоа она што се зборува во изминатиот период беше само зголемување на платите на јавната администрација и земање кредити за општините, заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и на немањето работна сила. Што значи со еден збор – ништо“, рече Трајкоска.

Таа смета дека е поради реорганизацијата на Министерството за труд и социјала, односно преминувањето на секторот труд во Министерството за економија било причина зошто не се одржал Економско-социјалниот совет.

Во однос на најавите дека дел од парите од унгарскиот кредит ќе одат за бизнис-секторот, Трајкоска вели дека досега немаат никаква конкретна информација околу тоа.

„Се вели дека ќе биде за некакви инвестиции во работењето. Но, сè додека немаме конкретна информација и додека не ни биде понудено на кој начин ќе се стигнува до тие кредити, дали тие ќе бидат поволни за стопанството, не можеме ништо да говориме“, нагласи таа.