Смртоносни лавини во Австрија: Три лица загинаа


Еден Холанѓанец и двајца Германци загинаа во десетици лавини во Австрија, а уште двајца холандски државјани се повредени, објави австриската полиција.

Согласно австрискиот центар за итни случаи, повеќе од 30 лавини се регистрирани само во Тирол во среда. Двајца од загинатите се од германската покраина Баден-Виртемберг, изјави портпарол на полицијата, пренесува јавниот сервис ZDF.

Полицијата објави дека двајца мажи скијале во долината Навис во Тирол, кога едниот од нив бил целосно затрупан од лавина и починал на самото место.

Втората германска жртва починала во покраината Форарлберг. 42-годишен сноубордер скијал надвор од пистата со својот 15-годишен син во скијачкиот центар Зоненкопф, соопшти полицијата.

Според соопштението, 71-годишен холандски државјанин загинал во лавината во среда, а уште двајца, 41-годишниот син на починатиот маж и 34-годишен маж, биле повредени.

Според полицијата, тројцата Холанѓани скијале надвор од пистата во близина на Фис во Тирол кога предизвикале лавина широка 50 метри што ги однела и ги закопала. Синот успеал да се ослободи од снегот и да ги извести властите. Потоа пронашол 34-годишен Холанѓанец и го ископал од снегот.

Службите за итни случаи го пронашле 71-годишниот маж дури еден час подоцна со помош на куче за спасување од лавини. Спасувачите го ископале неговото тело, а лекарите од итната помош се обиделе да го реанимираат, но без успех, се вели во соопштението.

. Повредените биле пренесени со хеликоптер во медицински установи.