Сменет е полицискиот началник кој ги пропушташе свадбарите на Африм Гаши


 

За пропуштањето на свадбарите на собранискиот спикер, Африм Гаши, на граничниот премин „Блаце“ главната одговорност е насочена кон Наим Рамука, началник на Рeгионалниот центар за гранични работи Север и тој е сменет од неговата функција. Во образложението за неговата смена се наведуваат пропустите на полицијата на граничниот премин за бегството на Косовецот Блерим Рамадани кој се бараше од Србија за воени злосторства и за пропуштањето на свадбарите на Африм Гаши.

За нов началник е поставена Маја Темелкова-Сотирова.

Минатата недела МВР соопшти дека и против шест полициски службеници е поведена дисциплинска постапка за случајот со свадбарите на Гаши. „Откако делегацијата, во која како носител се јавува претседателот на Собранието, ја поминува државната граница на граничниот премин Долно Блаце на лентата за излез број 1, по неа поминуваат шест цивилни возила, кои во меѓупросторот на граничните премини ѝ се приклучуваат на делегацијата“, соопшти МВР. При поминувањето на границата не била извршена контрола на патниците и возилата.

Рамука е осомничен дека лично, заедно со вработени во Општина Чаир, го пренеле преку граница бегалецот Блерим Рамадани, баран со потерница од Интерпол.