Случајот од Кочани е речиси ист како трагедија во рок клубот „Колектив“ во Букурешт
Во пожарот во Букурешт загинаа 64 лица. И тој беше предизвикан од употреба на пиротехнички средства од страна на рок-групата што имаше концерт. Поради корупција клубот немал противпожарна дозвола. Следуваа масовни протести и владата по само неколку дена поднесе оставка

Страшниот пожар во Кочани и смртта на толку многу млади луѓе драматично потсетува на трагедијата во рок клубот „Колектив“ во Букурешт ноќта на 31 октомври 2015 година, кога од пожарот предизвикан од пиротехнички средства на лице место загинаа 27 лица. Трагедијата стана двојно поголема откако уште 37 од повредените им подлегнаа на повредите подоцна во болниците – делумно поради корупција во набавката на средства за дезинфекција, што била несоодветна и дополнително доведе до смрт на оние што имаа изгореници.
Откритието го направи новинарска истражувачка екипа на весникот „Газета спортурилор“, кој прерасна во документарниот филм „Колектив“ номиниран за Оскар.
Деталите за двата смртоносни пожари како да се идентични. Пожарот во ноќниот клуб „Колектив“ беше предизвикан од инцидент со огномет и се случи за време на бесплатен концерт изведен од металкор бендот „Goodbye to Gravity“ за да го прослават објавувањето на нивниот нов албум. Пиротехниката на бендот, составена од искричави свеќи за огномет, предизвикаа горење на запалливата полиуретанска акустична пена на клубот и огнот брзо се прошири. Повеќето од жртвите биле отруени од токсините ослободени од запалената пена.[18] Преплавени од големиот број жртви, романските власти префрлија некои од тешко повредените во болниците во Израел, Холандија, Белгија, Австрија, Франција…
Речиси веднаш почнаа големи протести во Романија наречени „Колектив револуција“. Гневните луѓе бараа оставки од премиерот Виктор Понта, министри и градоначалникот на реонот. Тие беа критикувани дека дале овозможиле клубот да добие лиценца за работа без да има противпожарна дозвола. Демонстрантите извикуваа „срам да ви е“ и „убијци“, а носеа и транспаренти на кои пишуваше „корупцијата убива“.
По само четири дена од пожарот и масовните протести премиерот Виктор Понта поднесе оставка.