Словенија испраќа војници во Бугарија за засилување на источното крило на НАТО


Фото: Д. Перковски

Министерството за одбрана на Словенија денеска соопшти дека ќе испрати 20 војници во Бугарија, во составот за зајакнување на источното крило на НАТО.

Интеграцијата на словенечката армија во борбената група на НАТО во Бугарија, во која заедно со водечката земја Италија, редовно и периодично ќе учествуваат и сојузниците – Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Романија, Турција и САД, ќе се одвива постепено, се наведува во соопштението на словенечкото МО.

Исто така се додава дека времето на испраќање, структурата на контингентот, логистичките и други детали ќе бидат договорени со Италија.

Најголемата поединечна група на припадници на словенечката армија во странство ќе продолжи да биде во Косово, каде има вкупно 106 војници. Вториот најголем контингент во странство, со 98 војници, е во Словачка, каде што се дел од мултинационалната борбена група на НАТО.

Со цел зајакнување на источното крило на НАТО, 38 словенечки војници се исто така дел од борбената група во Летонија.

Околу 300 припадници на словенечката армија и цивилен персонал учествуваат во меѓународните операции и мисии на НАТО, на Европска Унија, на Обединети нации и на глобалната коалиција, со цел зачувување на светскиот мир и безбедност.