Словачка за еден ден, бесплатно, тестираше над милион луѓе


Повеќе од милион Словаци денеска беа тестирани за коронавирус, како дел од огромната логистичка операција за тестирање на поголемиот дел од населението за време на викендот, во обид да се стави под контрола вирусот.

Властите посочуваат дека амбициозниот план за тестирање на мнозинството граѓани над 10 години од 5,5 милиони жители е прв во земја со таква големина. Него го следат други земји кои размислуваат како да се забави ширењето на вирусот и да се избегнат високите здравствени трошоци.

Повеќе од 40.000 лекари, војници, полицајци, административни работници и волонтери вршат тестови на околу 5000 локации.

– До пладне биле тестирани 828.518 лица, од кои 7.947 биле позитивни, рече министерот за одбрана Јарослав Над на прес-конференција.

– Очигледно тестиравме над милион луѓе, рече тој, додавајќи дека над три милиони луѓе може да бидат тестирани за време на викендот.

Премиерот Игор Матовиќ рече дека се надева оти планот ќе овозможи да се идентификуваат и изолираат доволно заразени лица за да се избегне строг карантин за другите.

Тестирањето е бесплатно и доброволно, но владата ќе пропише карантин за оние кои нема да одговорат, вклучително и забрана за одење на работа.

Антигени тестовите даваат резултати за само 15 минути до половина час, но се помалку точни од ПЦР тестот.

Вториот круг на тестирање ќе се одржи за една недела.

Словачка денеска пријави 2.573 новоинфицирани, односно вкупно 57.664, од кои 219 лица починале.